Стоилковиќ за промена на државниот грб: Ќе се отворат многу теми, јас би бил многу претпазлив

од Nikola Popovski
132 прегледи

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ смета дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Преамбулата се козметички промени, а проблемот е суштински.

-Со сите документи кои произлегуваат од тоа понатаму, ќе треба да прифатиме нешто што е неприфатливо за македонскиот народ, а тоа е да се доведе во прашање неговата национална особеност и неговиот јазик. Тоа е проблем за македонскиот народ. Како ќе одлучи македонскиот народ по тоа прашање, јас ќе бидам првиот што ќе го поддржи. Сметам дека треба да бидеме солидарни со елементарните чувства на македонскиот народ. Како ќе живееме со македонскиот народ, ако немаме елементарно чувство за неговите национални чувства и определби…, кажа Стоилковиќ во емисијата „Само интервју“.

Запрашан околу дебатата во јавноста за евентуална смена на државниот грб, вицепремиерот вели дека имаше едно решение за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Истакна дека има информации само на ниво на јавност.

-Очигледно е дека ако се влезе во тој процес, ќе се отворат и други теми. Ќе се отворат многу теми и јас би бил многу претпазлив со отворање на било која тема, од причина што во моментов во државата не може да се изведе ниту еден сериозен политички потег доколку не се стабилизира економската состојба. Треба сите сили да се насочат кон правда во државата и да се воспостави економија. Луѓето бараат правда и економија. Ќе се навлезе во процес на спирала на политичка дестабилизација. Околностите кај нас не се погодни да се изведува било каква операција од пошироки размери, оценува Стоилковиќ.

Слични содржини