Договор меѓу Русија и САД без учество на Киев не е возможен: „За Европа не е прифатливо Украина да стане слаба демилитаризирана држава, такво сценарио ќе биде пауза до следната агресија на Путин

од Nikola Popovski
154 прегледи

На речиси три години од војната, американскиот претседател Трамп најави итен почеток на мировните преговори меѓу Русија и Украина по разговорот со рускиот претседател Путин. Назначен е тим за преговори предводен од државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф и советникот за национална безбедност Мајкл Волц. Откако разговараше со Путин, Трамп имаше телефонски разговор и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Од Кремљ потврдија дека разговорот траел час и половина и дека двајцата лидери се согласиле дека решението на конфликтот е можно само преку мировни преговори. Украинскиот лидер го опиша разговорот како долг и значаен, нагласувајќи ја подготвеноста на Украина да соработува. Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, во Киев дискутираше за потенцијалниот договор за економска соработка со украинскиот претседател, за кој шефот на Белата куќа се залага како дел од основата за поголем мировен договор.

Од друга страна, Украина и Европа не смеат да бидат исклучени од мировните преговори – децидни европските лидери. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте побара за Украина обезбедување најдобра можна позиција во преговорите за ставање крај на војната. Американскиот секретар за одбрана Хегсет негира какво било предавство на Украина, уверува дека Трамп работи за ставање крај на војната. Додаде дека руската инвазија врз Украина е само повик за будење на НАТО дека два насто трошоци за одбраната не се доволни.

За дел од експертите, преговорите меѓу САД и Русија испраќаат порака дека Русија е субјект со кого треба да се преговара, а не да се изолира. Телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп и патувањето на советникот а Трамп, Стив Виткоф, во Москва, како и ослободувањето на американецот Марк Фогел од затвор во Русија се индикатори дека помеѓу администрациите на Трамп и Путин постои комуникација и волја за завршеток на војната во Украина. Меѓутоа, решението кое се бара е логично дека би било во согласност со интересите на САД и Русија, а интересите на Украина и Европа може да бидат второстепени.

-Важно е да се напомене дека, според Трамп, разговорот со Путин не бил само за Украина туку и за состојбата на Блискиот Исток и други прашања, што покажува дека Трамп го гледа конфликтот во Украина во контекст на глобалноите интереси на САД. Отсуството на Украина од оваа почетна фаза остава впечаток дека Украина е ставена во позиција во која други одлучуваат за нејзината судбина. Меѓутоа, тоа не значи дека не постои тајна комуникација и координација помеѓу САД и Украина за содржината на разговорите. Напротив, Трамп изјави дека ќе го запознае Зеленски за содржината на разговорот со Путин, вели во разговор за „Локално“, експертот за безбедност, Александар Илиев.

Запрашан дали може да се каже дека по разговорот меѓу двајцата претседатели, Европа останува сама по осум децении, Илиев оценува дека Европа не е осамена, туку разединета и соочена со комплексна состојба предизвикана од глобалниот натпревар помеѓу САД, Кина и Русија.

Александар Илиев

-Европа е безбедносно зависна и под влијание на САД, нема обединет став кон прашања поврзани со Русија, а сега нема ниту приближно идентичен став со САД за односот кон Русија. Истовремено, во Европа постои значително воено присуство на САД, а САД е и клучен снабдувач на повеќе држави во Европа со опрема како авиони, артилериска муниција и против-воздушна одбрана. На пример, САД е основен снабдувач на европските земји со 5-та генерација воени авиони како авионот Ф35. Следствено, во моментот нема индикатори кои покажуваат дека САД сака или би имал интерес во целост да ја напушти Европа и да го изгуби своето влијание. Сепак, релевантно е да се разгледува каков може да биде ангажманот на САД за безбедноста на Европа во следните декади, посочува соговорникот.

Како што додава Илиев во својата анализа, Америка стана комплициран и несигурен сојузник за Европа, во однос на безбедноста, меѓутоа, САД е сеуште главен финансиер на НАТО и клучен снабдувач на европски држави со модерни авиони, системи за против-воздушна одбрана, артилериски системи и муниција и друго.

-Понатаму, морнарицата на САД е клучен субјект за безбедноста во Источен Медитеран, Црвено Море и Индиски Океан. САД се единствените способни да извршат големи воени операции на Блискиот Исток. Меѓутоа, САД стануваат тешко предвидлив сојузник, а таа несигурност ќе влијае државите од Европа да го преиспитаат својот однос со САД и начините за гарантирање на нивната национална безбедност, наведува експертот, посочувајќи дека државите како Велика Британија, Франција, Холандија, Данска, Германија и Полска веројатно се подготвуваат и за сценарија во кои би треба воено да се спротивстават на Русија и без поддршка на САД.

-Такви сценарија се разгледувани и за време на претходниот мандат на Трамп, а со сигурност овие сценарија се сега уште подобро развиени. Клучно е да се напомене дека за европските држави не е прифатливо Украина да стане слаба демилитаризирана држава која во следна фаза лесно може да стане плен на Русија. Такво сценарио нема да донесе мир за Европа, туку веројатно ќе е само пауза до следната агресија на Русија.

Дали Украина конечно ја загуби својата државност, по „договорот“ меѓу Путин и Трамп?

Според Илиев, договор за официјален Киев, без учество на Киев не е возможен. Објаснува дека Украина е самостојна држава и неспорен субјект во меѓународните односи.

-Досегашните разговори меѓу САД и Русија оставаат впечаток дека веќе не важи правилото за неповредливост на државните граници, според Хелсиншкиот договор од 1975 и дека во Европа големите сили може со воена сила да преземат територии на послаби држави. Оттука, Украина може да изгуби територии, но исто така тоа значи дека Европа ќе стане континент во кој воената сила може да биде алатка за освојување територии од други држави.

Доколку Русија доживее успех во Украина, логично е да направи обид да го прошири своето влијание врз повеќе земји од Источна и Централна Европа, како и на Балканот. Путин и сега не е насочен само кон Украина и паралелно со оваа конвенционална војна, води и хибридна војна во држави членки на ЕУ и НАТО. Впрочем, во 2024 година Романија и Молдова сведочеа на значително руско влијание врз изборите за претседател, со цел на чело на овие држави да дојдат проруски политичари. За прв пат во демократската историја на Романија, во 2024 година беа поништени резултатите на претседателските избори поради утврдено значително странско влијание, најверојатно од Русија, во корист на еден претседателки кандидат. Понатаму, постои загриженост кај балтичките држави дека Русија може да изврши агресија преку коридорот Сувалки и да ги окупира Латвија, Литванија и Естонија, повикувајќи се на историско право и права на руското малцинство во истите. Истовремено, Русија развива силни врски со владеачки структури во Србија, Унгарија, Словачка и Република Српска. Следствено, доколку Русија доживее успех во Украина, веројатно ќе направи обиди да го прошири своето влијание преку користење различни инструменти на државна моќ, вклучувајќи и употреба на воена сила, анализира соговорникот.

Смета дека напад на Русија врз членка на НАТО е малку веројатно, без претходно да се наруши единството и кредибилитетот на НАТО. Иако балтичките држави се ранливи, влезот на Финска и Шведска во НАТО го сменија балансот на сили во Балтикот во корист на НАТО, истовремено правејќи го Калининград многу поранлив.

-Затоа, успех на Русија во Украина е пологично да води кон конвенционална интервенција во држава која не е членка на НАТО, како Молдавија или Грузија. Истовремено, членките на НАТО со сигурност ќе продолжат да бидат предмет на хибридна војна од страна на Русија, истакнува Илиев.

Буџетите за одбраната и за набавките на опрема како авиони, бродови и друга скапа опрема, додава експертот за безбедност, не се менуваат брзо и зависат од многу фактори. Зголемување на буџетите за одбрана е национално прашање и веројатно раст ќе има во буџетите за одбрана на земјите кои се чувствуваат загрозени.

„На пример од членките на НАТО од Европа, само Полска и Грција имаат буџет за одбрана над 3% од БДП. Ова е логично бидејќи Полска и Грција се држави кои се чувствуваат загрозени од поголеми соседи и историски ривали. Затоа раст на буџетите за одбрана кај сите членки на НАТО до 5% е тешко остварлива цел, без да се создаде перцепција за значајна и неминовна загрозеност за националната безбедност кај државите членки на НАТО, вели соговорникот, наведувајќи и напуштање на НАТО ќе ги направи САД помалку влијателни политички, воено и економски, поради што такво сценарио е малку веројатно.

Доколку САД се повлечат од НАТО тоа најверојатно ќе придонесе државите од ЕУ да развијат европски воени сили кои ќе го компензираат отсуството на САД. Понатаму, тоа би водело и кон поголемо потпирање на одбранбената индустрија од Европа и намалување на набавките на опрема од САД. Иако напупштање на НАТО и целосно повлекување од Европа е малку веројатно, можно е делумно повлекување на воени сили на САД од Европа, како и намалување на нивото на финансирање на НАТО, од страна на САД. Таков развој би го задржал влијанието на САД во Европа, би предизвикал раст на трошоците на државите од Европа за одбрана, истовремено овозможувајќи САД да фокусира повеќе ресурси за спречување на агресија на Кина во Јужното Кинеско Море, заклучува Илиев.

Војна во Украина

Изненадувањето на Западот од новиот став на САД дојде по одлуката на Трамп да ја исклучи Украина од членството во НАТО, да им забрани на американските војници да учествуваат во мировните операции и да ја отфрли целта на Киев да ја врати својата земја, која Русија ја окупира од 2014 година. Украина и нејзините сојузници нагласуваат дека нема да поддржат никаков договор меѓу Русија и САД без украинскиот претседател Зеленски. Европејците нагласуваат дека и тие мора да бидат вклучени.

„Јасно е дека секој договор направен зад нашиот грб нема да успее. Потребни ви се Европејци, ви требаат Украинци“, им рече на новинарите високиот дипломат на ЕУ, Каја Калас на маргините на министерскиот состанок на НАТО, додавајќи: „Зошто им даваме (на Русите) сè што сакаат дури и пред да започнат преговорите?“.

Гнев поради одлуката на Трамп имаше и во Велика Британија. „Историјата постојано покажува дека смирувањето не успева. „Оваа војна мора да заврши според условите на Украина, сè помалку би било предавство и директна закана за европската безбедност“, изјави британскиот пратеник Дејвид Рид за „Политико“.

Сепак, не сите во Европа го поддржуваат Киев со истиот жар. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја исмеа изјавата на Калас дека европските сили ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.

„Позицијата на Брисел, да се поддржи убивањето колку што е потребно, е морално и политички неприфатливо. Додека Трамп и Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“, рече Орбан.

Еден европски лидер изјавил за „Политико“ дека многумина се загрижени дека не може да му се верува на Трамп да постигне договор со Путин.

„Трамп е несмасен преговарач. Ќе ѝ отстапи луди работи на Русија. Општиот впечаток е дека Американците генерално го влошуваат процесот“, рекол анонимниот европски дипломат.

Н.П.

Слични содржини