Пандов: Затворски полицајци од „Шутка“ го срамат целиот затворски систем

од Nikola Popovski
213 прегледи

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов информира дека интервентна единица повторно пронашла мобилни телефони во ќелиите во затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари. Биле најдени 35 телефони. Во текот на вчерашниот ден, во полуотвореното и отвореното одделение на затворот повторно биле пронајдени околу 30 телефони меѓу затворениците.

Според Пандов, тоа се бројки кои загрижуваат. Имало контрола и во затворот во Струмица, каде што има 100 затвореници, при што биле пронајдени само 3 мобилни телефони.

-До што е работата? Дел од затворските полицајци кои работат во затворот „Шутка“ никако не треба да носат полициска униформа и тие го срамат целиот затворски систем и треба да им биде јасно дека сите до еден ќе бидат фатени и ќе бидат избркани од работа. Ќе се обидам со целиот свој авторитет, тие да се најдат позади решетки затоа што си играат со многу опасна работа. Нема поопасна работа од тоа некој затвореник да има телефон. Последните акции што беа од МВР покажаа дека одредени ликови иако се наоѓале во затворите, биле на чело на нивните кланови и со нив командувале внатре од затворите. Тоа ми е приоритетна работа, рече директорот на прес-конференција.

Според првиот човек на Управата за санкции, во државата има 11 затвори, еден воспитно-поправен дом и две отворени одделенија.

Слични содржини