ВМРО-ДПМНЕ тврди дека не се разговарало за промена на химната и ги обвини ДУИ и СДСМ

од Nikola Popovski
14 прегледи

За првпат денеска се огласија од ВМРО-ДПМНЕ по темата за евентуално менување на државниот грб и химната. Од партијата на Христијан Мицкоски не соопштија ништо за грбот, додека за химната порачаа дека нема да претрпи промени. Ги обвинија ДУИ и СДСМ за наративот во јавноста.

-ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања и СДС пинг понг политиката треба да престане. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина, стои во краткото соопштение на најголемата владеачка партија.

Еден од лидерите на ВЛЕН и министер за здравство, Арбен Таравари смета дека е потребен пакет мерки со кој ќе се решат сите нерешени прашања во државата, како што се грбот, химната, 20% и други етнички прашања, па потоа да се концентрираме на економија, борба против корупција, евроинтеграции…Запрашан за почитувањето на државниот грб и евентуална негова промена, колегата на Таравари од ВЛЕН, Биљал Касами рече дека е подготвен исто така да разговара за поширок пакет.

-Ние би сакале да разговараме за пакет кој, се разбира, ќе го разгледа грбот, прашањето за химната, но и прашањето за другите уставни измени поврзани со унапредувањето на правата на Албанците или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот како јазик на 20 проценти, додаде Касами.

Премиерот Христијан Мицкоски, информирајќи дека во владејачката коалиција го отвориле прашањето за промена на државниот грб, рече дека ние сме една од двете постсоцијалистички држави што сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации.

Од СДСМ денеска рекоа дека „оваа шокантна изјава на Таравари, кој се занимава со сè освен со здравството, за што е задолжен, потврдува дека Владата целосно се има откажано од она што навистина им е приоритет на граѓаните“.

-Наместо решенија за реалните проблеми, сиромаштијата која расте и стандардот на граѓаните, Владата ќе го замајува народот со теми од минатото за да го одвлече вниманието од болната сегашност, велат од „Бихаќка“.

Последен пат промена на грбот предложи Владата на Никола Груевски во 2014 година, но не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на оваа идеја. Стануваше збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика.

Слични содржини