Манчестер Јунајтед тоне во Премиер лигата, а по 25. коло има 12 порази во актуелниот англиски фудбалски шампионат, од кои денешниот неуспех кај Тотенхем е втор ваков поврзан епилог, бидејќи пред „петлите“, три бода изгубија и од Кристал Палас.
Ниту тоа што тренерот на великаните на островскиот, европскиот и светскиот фудбал, Рубен Аморим има хронични проблеми со бројот на повредени играчи, ниту тоа што „црвените ѓаволи“ се обидоа 16 пати да постигнат гол, од кои шест удари влегоа во оквирот на голот, не може и не смее да биде алиби за новата лоша епизода на клубот од „Олд Трафорд“.
Единствениот, но вреден гол на Џејмс Медисон во 13. минута, само им нанесе лута и болна рана на навивачите на трофејниот Јунајтед. И ја продолжи агонијата на клуб кој е поблиску до испаѓање отколку до пласман во Европа. Трофеите веќе некое време се далечен сон, иако Манчестер менуваше играчи и тренери.
Тотенхем е во нешто подобра позиција, иако има и сезона за заборав, но сепак најдоа начин да ја прослават деветтата победа во сезоната 2024/25 и со тоа да го прескокнат актуелниот ривал во поредокот. Односно, избија на четиринаесеттата позиција.