ВМРО-ДПМНЕ: Одбраните судии на СДСМ и ДУИ се како „змии“

од Nikola Popovski
64 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ утрово порача дека „одбраните судии на СДСМ и ДУИ се како „змии“, односно, како што велат, излегуваат од дупките само кога ќе им засвират Зоран Заев, Венко Филипче и Али Ахмети“.

-Стара поговорка вели што ќе посееш, тоа ќе пожнееш. СДС и ДУИ ги посеа Кацарска, Рускоска, Трпков и Коцевски, и никнаакорупцијата и криминалот. Негативни рекорди рушиме секојдневно, буквално судството може да држи лекции за тоа како да си корумпиран, а да не одговараш. Дека во Македонија владее политичко инструирано судство и обвинителство, можеме да видиме од постапките на Рускоска која преку Кацарска и Трпков, си играше со судбините на луѓето што беа вклучени во случајот за 27 април. За добро завршената работа, Кацарска стана Уставен судија, а Трпков наместо човек од правото, стана човек на политиката. Тандемот Трпков, Кацарска пресудија над 200 години затвор за 27 април додека државата потопена во криминал од ДУИ и СДС се распаѓаше по сите основи, рекоа меѓу другото од партијата на власт преку соопштение.

Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11.02.2025 година презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.

-Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, се вели во соопштението од Правда.

Членките на Судскиот совет, Весна Дамева и Тања Чачарова-Илиевска, за кои владејачкото мнозинство поднесе интерпелации во Собранието изјавија дека ги анализираат документите и во рок од 10 дена ќе се произнесат. Дамева вели, кога ќе го изгради својот став јавноста ќе го знае одговорот. Илиевска, посочи дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Советот е колективно тело кое носи одлуки со мнозинство гласови.

Владата поднесувајќи ја иницијативата за интерпелација на членовите на Судскиот совет, призна дека таа не значи по автоматизам и разрешување. Во услови кога власта се обиде, но не успеа, од Брисел да добие одобрување за предизборното ветување за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, а потоа во т.н. реформска агенда од Планот за раст, се обврза смените да се случуваат дури откако ќе се донесе нов закон според Оценската мисија на ЕУ и само за оние членови на кои им истекува мандатот. Сепак, премиерот Христијан Мицкоски најави дека тргнуваат со акција „удар во чело“.

Додека се редат најавите на власта за разрешување на Судски од Министерството за правда велат дека се работи на судските реформи – кои вклучуваат критериумите за избор и разрешувања на членови на ова тело. По серијата скандали пред повеќе од една година ЕУ достави 40 препораки за реформи на Судскиот совет. Нов закон за судски совет е дел и до реформската агенда која Македонија мора да ја исполни со планот за раст.

Слични содржини