Перински: Отповикувањето ќе ги опфати новите градоначалници кои ќе ги добијат мандатите по ноември

од Nikola Popovski
80 прегледи

Невозможно е законот да важи ретроградно. Новиот закон кој што ќе го донесеме, ќе ги опфати новите градоначалници кои што ќе добијат своите мандати после ноември, изјави денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински за предвидените измени и дополнувањата на Законот за локална самоуправа.

Запрашан дали скопската градоначалничка Данела Арсовска ќе биде опфатена со измените на законот, Перински повтори дека е невозможно да донесете закон со ретроградно дејствие и дека измените ќе биде за сите градоначалници кои ќе стапат на новата функција по локалните избори.

-Не можеме да менуваме закони согласно персонални решенија. Сакаме да ја подобриме ситуацијата и состојбата на локално ниво и сите оние чинители кои се засегнати oд ова законско решение, да имаат поквалитетно и поиздржано решение, кажа министерот.

Отповикување од градоначалничката функција и воведување комунална полиција се дел од новитетите што треба да ги има во новиот закон. Актуелниот Закон за локална самоуправа, кој е стар над 20 години, нема можност за отповикување од функцијата градоначалник поради што избраните градоначалници остануваат на функцијата до крајот на мандатот. Според министерот, треба да се интервенира во Законот преку широк консензус и да се слушнат и интернационални експерти.

-На граѓаните треба да им се даде можност преку рефрендум да можат да го отповикаат еднаш избраниот градоначалник доколку не се задоволни од него, рече неодамна градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски.

Слични содржини