Косовската полиција привела 12 Косовци, од кои 10-мина се малолетни, кои возеле автомобили со косовски знамиња низ северниот дел на Косовска Митровица, славејќи ја годишнината од прогласената независност, објави синоќа заменик-командантот на полицијата за северниот регион, Ветон Ељшани.
Полицијата најпрво запрела автомобил во кој се превезувале четири малолетници без возачка дозвола, пренесе РТС. По четворицата, во станица донеле уште осум лица, исто така во возила.
Како што информира Ељшани, ќе им бидат изречени прекршочни казни, а полицијата очекува родителите да дојдат и да ги земат малолетниците кои биле без документи.
Како што јави РТС, Српската листа објави дека „поразениот режим на Албин Курти“ синоќа се обидел да предизвика тензии во северниот дел на Косовска Митровица со провоцирање на српскиот народ и испраќање заканувачки пораки и наведува дека овие провокации се последните здивови на антисрпскиот режим кој се храни со омраза кон Србите.
Косово вчера ја одбележа 17-годишнината од прогласената независност со низа настани, додека западните лидери ги упатија своите честитки заедно со потсетувањето на клучните услови за европска интеграција – нормализација на односите со Србија и исполнување на обврските од дијалогот.