Демократската унија за интеграција преку соопштение за медиумите реагираше на, како што велат, непочитувањето и неуспехот на претседателката на државата, премиерот и шефот на македонската делегација да ја честитаат независноста на Косово. Од ДУИ велат дека овој потег е дипломатска отстапка, бидејќи, според нив, Милорад Додик од Република Српска бил примен со државни почести, но никој не се сетил да упати честитка до Косово.
Од ДУИ велат дека оваа акција ги нарушува пријателските односи меѓу Република Македонија и Косово.
-Го заборавија Косово, а го почитуваат Додик – која е пораката на Владата? Со длабоко жалење и загриженост констатираме една неприфатлива акција што се случи оваа година – за прв пат државните институции, вклучително и претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи, не упатија официјална јавна честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
Оваа акција не е само дипломатска отстапка, туку и директен сигнал кој го поткопува духот на добрососедството и регионалната соработка.
Истовремено, со сите државни почести беше пречекан Милорад Додик – политичка личност познат по деструктивните ставови кон евроатлантските процеси и принципите на регионалната стабилност.
Оваа јасна недоследност во односот кон соседните држави испраќа вознемирувачка порака за насоката на политиката на нашата земја.
Ваквото однесување е последица на зголеменото влијание на концептот „Српски свет“ во С.Македонија – проект кој претставува закана за суверенитетот, европската перспектива и стратешките интереси на државата. Промовирањето на оваа идеологија на штета на пријателските односи со Косово е неприфатливо и штетно, стои во партиското соопштение од Мала Речица.
Владата на Косово вчера одржа церемонијален состанок на кој косовскиот премиер Албин Курти изрази благодарност и им оддаде почит на „сите оние кои се жртвуваа и беа жртвувани“ за слободата.
Седумнаесет години по прогласувањето независност, Косово е во дипломатска неизвесност – признато од многу држави, но надвор од некои од најважните меѓународни организации. Точниот број на земји кои ја признаа независноста на Косово се уште е под знак прашалник. Според пресметката на косовското Министерство за надворешни работи, Косово досега го призна 117-та земја, а последен на листата по три години без нови признавања е Израел. Косово воспостави дипломатски односи со Израел на почетокот на февруари минатата година врз основа на договорот што во Вашингтон го потпиша косовскиот премиер Авдула Хоти.
Поинаква е пресметката на Белград за бројот на признавања на Косово. Без да ја наведе точната бројка, Србија смета дека Косово го признале нешто помалку од сто земји.
Македонија го призна Косово во октомври 2008 година.