Проблемите на Ред Бул минатата година нема да му дозволат на Макс Верстапен да се бори за светската титула во Формула 1 во 2025 година. Ова е мислењето на поранешниот возач Хуан Пабло Монтоја.
„Оваа година Макс нема да биде проблем за Луис Хамилтон“, уверен е Колумбиецот. „Пред неколку дена Адријан Њуи изјави дека проблемите на Ред Бул се многу подлабоки во филозофијата на болидот отколку што мисли тимот. Би бил изненаден доколку Ред Бул повторно има предност, како што беше во претходните години. Не е лесно да се најде решение кога вашиот автомобил губи брзина“, додаде Монтоја.
„Ако мислите дека се работи како што треба, но во одреден момент концептот престанува да работи, тогаш треба да се вратите назад и да се запрашате каде и што точно сте згрешиле. И ако сте сигурни дека сте направиле грешка, дали сте сега сигурни дека ја правите вистинската работа? Меѓутоа, во одреден момент треба да се донесе одлука во која насока да се движи, бидејќи ако тимот продолжи да се движи во погрешна насока, тогаш излегувањето од кризата ќе биде многу тешко“, порача Колумбиецот.
Техничкиот директор на Ред Бул, Пјер Ваше, веќе најави дека оваа година тимот се фокусирал на подобрување на перформансите на новиот болид, односно поголема брзина и подобра аеродинамика, но на сметка на работниот прозорец на болидот, кој останува тесен. Автомобилот сè уште ќе биде тешко да се вози и „наштима“, а Ваше објасни дека проширувањето на работниот прозорец ќе ја одземе брзината на автомобилот.
Монтоја го смета Хамилтон за фаворит за титулата оваа година, а очекува тесна битка во Мекларен, заостанување на Верстапен поради проблемите на Ред Бул, а сигурен е дека Луис ќе се носи со Шарл Леклер, дури и ако е побрз од него.