Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека Општина Центар и годинава објави јавен повик за доделување на локации за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други подвижни направи на 14 локации во централната градска зона.
Право на учество имаат сите правни и физички лица со регистрирана дејност и сите лица што вршат занаетчиска дејност, а подвижните објекти може да се користат за угостителски услуги (продажба на јадења, напитоци, сладолед, и слично).
„Јавниот повик е одлична можност за сите заинтересирани лица да основаат или да го прошират својот бизнис во срцето на градот. Со обезбедување на локации во Центар не само што го поддржуваме развојот на малите бизниси, туку и создаваме простор за иновации и креативност во угостителскиот сектор. Преку нашиот повик, се залагаме за подобрување на урбаната средина, создавајќи современи и еколошки прифатливи решенија што ќе ја збогатат понудата за граѓаните и туристите. Ги повикувам оние коишто сакаат да аплицираат да не контактираат”, вели Герасимовски.
Барателите за локација треба да достават соодветна документација, вклучително и барање за издавање на одобрение, доказ за регистрирана дејност, потврда за исполнување на минимално технички услови, скица со димензии и фотографија од подвижниот објект, како и уплатница од 1.000 денари.
Локациите ќе се даваат за користење на период од 12 месеци, а подвижните објекти треба да исполнуваат минимални еколошки стандарди и да не го нарушуваат амбиентот. Повикот ќе трае цела година, се додека има слободни локации.
Сите заинтересирани може да аплицираат според принципот “Прв дојден – прв услужен”. За повеќе информации на линкот во прилог https://www.centar.gov.mk/?p=24205