Агелер: САД се тука и не заминуваат, имаме одлично партнерство

од Nikola Popovski
301 прегледи

Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска порача дека засега нема коментар на владиниот предлог за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Вели дека го следат процесот одблиску и дека во тек е согласно законските процедури.

Во врска со случувањата во Судскиот совет исто така не навлегуваше во детали и само кусо одговори дека одблиску го следат и тој процес.

-Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува, одговори Агелер.

Амбасадорката беше запрашана и за забраната за УСАИД да финансира разни проекти, на што одговори дека процесот е се уште е во тек и дека не знае што ќе донесе иднината. Сепак, истакна дека одлуката се разгледува откако американски федерален судија привремено го блокираше од страна на владата на Доналд Трамп планираното принудно „отсуство“.

-Како што реков до Владата и нашите партнери, ние сме тука. САД не заминуваат. Ангажирани сме и имаме одлични партнерски настани како што е денешниот, рече американската амбасадорка по примопредавањето на мобилно оперативно возило за Црвениот крст.

Граѓаните не се задоволни од начинот на кој функционира судско-обвинителскиот систем кај нас. Тоа е едно мочуриште, кое изобилува со многу контроверзии и скандали – изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски со остри зборови за Судскиот совет.

-Цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции, на во случајот Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, таму каде што се бираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Не велам дека е тоа неточно. Но, во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро. И тогаш имаме и други механизми и други алатки, изјави пред извесно време премиерот.

Изрази надеж дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, дека тие истите ќе бидат доблесни и ќе се повлечат.

Откако Владата поткрена иницијатива за негова смена, државниот обвинител Коцевски со став – политички изјави нема да коментира, но ако се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда, која може да биде услов за негово разрешување, ќе се повлече од функцијата. Првиот човек во обвинителството тврди чесно работел и не постојат аргументи за негова смена.

Во меѓувреме, се усложнува состојбата во Вишото скопско обвинителство. Раководителката Наташа Крстевска Цалева, која на предлог на Коцевски и Советот на јавните обвинители ја назначи да управува со ова Обвинителство по суспензијата на Хајрулахи, по само една недела од изборот побара да ја сменат оти имала многу работа, малку искуство, а на нејзино место да дојде колега со подолг стаж.

Слични содржини