Поранешниот англиски репрезентативец Деле Али, кој неодамна потпиша со Комо, оваа сезона можеби нема да дебитира за италијанскиот тим. 28-годишната поранешна ѕвезда на Тотенхем потпиша 18-месечен договор со Комо за време на јануарскиот преоден рок, плус опција за дополнителна година.
Тренерот на Комо, Цеск Фабрегас, откри загрижувачки вести, навестувајќи дека Али би можел да игра до почетокот на следната сезона. Играчот од средниот ред последен пат играше на официјален натпревар во февруари 2023 година, кога беше позајмен во турскиот Бешикташ. Оттогаш фудбалерот е надвор од терените поради различни проблеми со повреди.
„Тој работи надвор од теренот во моментов. Не сакам да ставам дополнителен притисок на ништо. Не играше со месеци. Од понеделник ќе се врати во полна сила со тимот по индивидуалните тренинзи во последните неколку недели. На Деле му треба време. Разговарав со него и бев јасен – тука сме да му помогнеме. Веруваме дека тој може да го направи тоа“, рече Фабрегас, цитиран од англискиот весник „Дејли мејл“.
„Потребно е трпение за да го видиме повторно на теренот. Да останеме смирени. Следните неколку месеци ќе бидат искористени за да се врати во форма за следната сезона“, додаде тој.
Екипата на Комо моментално го зазема 13-тото место во Серија А со 25 бодови од 25 одиграни натпревари.