МП: Воведуваме засилени казни за рецидивистите, вклучувајќи забрана за управување со возило по третиот прекршок

од Nikola Popovski
24 прегледи

Претставници на Министерството за правда учествуваа на јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоците. Порачуваат дека шроектот „Безбеден град” започна во октомври 2024 година со една едноставна, но силна идеја: да ги обедини капацитетите на Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи, да ги надмине старите системски бариери и да креираме ефикасен и транспарентен правен процес

-Формиравме меѓуресорска работна група предводена од Министерството за правда која имаше обврска да ги подготви измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за прекршоци и измени на Кривичниот законик со цел да се обезбеди имплементација на проектот Безбеден град.

Со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот, започнaвме со нови измени во Законот за прекршоците. Предвидена е посебна постапка за прекршоците од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, која се однесува на прекршоците утврдени со помош на електронски системи за детектирање, како што е системот „безбеден град”. Воведуваме скратени постапки со кратки рокови за судење и засилени казни за рецидивистите, вклучувајќи забрана за управување со возило по третиот прекршок. Прекршочните налози ќе се доставуваат брзо и ефективно преку СМС и е-пошта. Сторителите ќе имаат право на судска заштита ако не ја прифаќаат одговорноста. Овие промени ќе ја подобрат брзината и ефикасноста на постапките, истакнуваат од Министерството за правда.

Како дел од нашите стратешки приоритети, во соработка со Министерството за внатрешни работи во декември 2024 година, велат од ресорот правда, го отворивме процесот на интероперабилност кој долго време беше задржан само на хартија. Со директно учество започнавме пат на поврзување на судовите и ЈО со МВР, нешто што беше неопходно, но не беше функционално.

-Ние како министерство овозможивме поврзување помеѓу МВР ,судовите и ЈО со цел да се потпишат директни меморандуми за соработка и договори за размена на податоци во електронска форма, преку Националната платформа за интероперабилност, која ќе овозможи пристап до бази на податоци на институциите, што ќе се користат во судските постапки. Ова значи дека сите релевантни институции имаат пристап до најактуелните и точни информации. Брзо и ефикасно. Без губење време. Без можности за манипулации. Без можност за корупција.

Проектот е почеток на ефикасност и правда. Систем кој не само што ќе се справува со постоечките проблеми, туку ќе ги спречува новите, стои во соопштението од ресорот предводен од Игор Филков.

Слични содржини