Со изјавата на Изет Меџити дека планира две до три илјади вработувања на партиски кадри во администрацијата, се потврдува тезата на СДСМ дека се случува масовна партизација од страна на ВЛЕН во сите институции. Ова е со амин и во договор со Мицкоски, изјави денеска Душанка Георгиева Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ по вчерашната изјава на првиот вицепремиер и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН.
Трпевски на прес-конференција посочи ВЛЕН ја третира државата како приватен бизнис кој треба да го наполнат со партиски војници. Го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека седи и немо гледа што се случува.
-Но јасно е дека ова не е случајна изјава. Се поставуваат прашања – дали веќе постои подготвен план за масовна партизација на институциите пред изборите? Дали јавната администрација повторно ќе се претвори во партиски штаб наместо во сервис за граѓаните? СДСМ бара итно стопирање на сите партиски вработувања и преиспитување дали постои организиран план за масовна партизација од страна на Меџити, рече Георгиева Трпевски.
Меџити вчера даде силно ветување за вработување на Албанците во државната и јавната администрација. На партискиот настан по повод основањето на огранокот на Демократското движење во Шуто Оризари, Меџити истакна дека за една година Владата ќе реализира повеќе вработувања отколку што се направени во двата претходни мандати од другите албански политички субјекти.
-Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата, вицепремиерот.