Според се уште непотврдени информации, Мекларен успеал да направи сериозен исчекор пред почетокот на новата сезона во однос на перформансите на тимот минатата година.
Италијанското издание Autoracer тврди дека новиот MCL39 е половина секунда побрз по круг во споредба со болидот со кој Ландо Норис и Оскар Пјастре завршија минатата сезона – MCL38.
Тимот веќе направи „shakedown“ на новиот болид, а експертите ги забележаа промените на предната суспензија, но повеќето се на мислење дека ако ова подобрување е факт, тоа не може да дојде само од оваа промена.
Тимскиот шеф на Мекларен, Андреа Стела веќе објасни дека огромното мнозинство на компоненти и практично целиот болид се редизајнирани и оптимизирани со цел да се реализира потенцијалот на идеите вградени во болидот.
Стела вети и серија брзи подобрувања на MCL39 на почетокот на сезоната, што според аналитичарите ќе биде клучно во борбата за титулата.
Откако ќе стапат на сила новите технички прописи следната година, тимовите нема да развиваат болиди за 2025 година до крајот на сезоната, туку ќе го запрат овој процес многу порано. Што значи дека настапот на првите трки би можел да биде пресуден.