СДСМ обвинува за корупциски скандал: Дали Меџити барал мито?

од Nikola Popovski
405 прегледи

СДСМ бара од премиерот Христијан Мицкоски да излезе и да одговори дали е точно дека Државниот управен инспекторат констатирал „злоупотреба на службената должност“од страна на министерот и вицепремиер Изет Меџити и неговиот кабинет. Според СДСМ, не е прашањето дали Меџити бил лишен од своите надлежности, прашањето е дали во Решението на Инспекторатот од 17.01.2025 година е констатирана злоупотреба на службенета должност.

Од партијата на Венко Филипче бараат веднаш Решението на инспекторатот да биде јавно објавено.

-Ова се сериозни индикации за робусна корупцијата во врвот на владата на Мицкоски. На колку бизнис компании им е барано мито? Дали Меџити барал мито? Кој е се оштетен, праша Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ при што ја повика Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство за отворат предмет и да преземат соодветни постапки.

ДУИ вчера тврдеше дека на Меџити му се одземени надлежностите во Министерството за животна средина, поради, како што велат, наводите за корупција и уцени. Од таму велат дека по извршената проверка од страна на Инспекторатот за администрација, каде според нив, била констатирана злоупотреба на службената должност од страна на Меџити и неговиот персонал и оттаму надлежностите на министерот се префрлаат на Дирекцијата за животна средина, која е предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Кабинетот на министерот велат дека партијата на Али Ахмети „не може да се согласи со фактот дека албанскиот народ им ги презеде овластувањата да владеат, по 22 години последователни неуспеси, лошо управување и масовна корупција“.

Според соопштението, Меџити ги има сите овластувања од граѓаните, Законот и Уставот да управува со институциите, со полн капацитет и со проекти кои се реализираат за доброто на граѓаните низ целата држава, а не како што тоа го направи ДУИ за збогатувањето на нивната врхушка и нивните семејства, а врз грбот на Албанците“.

Се огласи и Министерството за јаввна администрација. Нагласуваат дека преку Државниот управен инспекторат, нема да дозволат политички структури да го злоупотребуваат системот за свои дневнополитички цели.

-Јавноста има право да знае дека оваа Влада се води од принципите на законитост и отчетност – нешто што ДУИ никогаш не можеше да го постигне додека беше на власт, велат од Кабинетот на Горан Минчев.

Слични содржини