Зеленски објави моќно видео за годишнината од војната: „Три години апсолутно херојство“

од Nikola Popovski
306 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, по повод третата годишнина од почетокот на војната во неговата земја, му порача на украинскиот народ дека е горд на херојството што го покажаа за време на конфликтот.

„Три години отпор. Три години благодарност. Три години апсолутно херојство на Украинците. Горд сум на Украина!“, наведе тој.

Зеленски, во објава на мрежата „Х“, им се заблагодари на „сите што ја бранат и поддржуваат“ Украина, додавајќи дека Украина се сеќава на оние кои ги загубија животите бранејќи ја земјата.

Претходно утринава претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта пристигнаа во Киев.

Денеска се одбележува третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а наскоро се очекува да продолжат руско-американските преговори за ставање крај на војната, во кои Украина и ЕУ не се вклучени.

Во Киев денеска се одржува самит посветен на одбележувањето на третата годишнина од почетокот на војната во Украина, при што ќе учествуваат вкупно 37 државни лидери, што претседателот Зеленски го нарече „пресвртница“, од кои 13 ќе присуствуваат лично, а 24 преку видео врска, соопшти УНИАН.

Слични содржини