Oрганизацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски денеска ги објавува доказите, како што вели, кои потврдуваат дека вицепремиерот Изет Меџити незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани. Како што информира, документите биле доставени од свиркачи.
-Изет Меџити не само што вршел злоупотреба на позицијата, туку се отвора и сериозно сомневање дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните.
Поради оваа груба злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани.
Ова не е прв скандал во кој Меџити е вмешан. Најпрво, јавноста беше сведок на неговите партиски вработувања, а сега гледаме дека истиот човек, спротивно на законот, создал сопствен систем за потпис и одлучување, што отвора сомнежи за корупција и мито, рече Костовски.
Тој упати и прашање до премиерот Христијан Мицкоски „дали Меџити ќе го доживее истото сценарио како Артан Груби, кој по бројните злоупотреби избега од правдата токму со аминување на ВМРО-ДПМНЕ?“.
ДУИ тврдеше дека на Меџити му се одземени надлежностите во Министерството за животна средина, поради, како што велат, наводите за корупција и уцени. Од таму велат дека по извршената проверка од страна на Инспекторатот за администрација, каде според нив, била констатирана злоупотреба на службената должност од страна на Меџити и неговиот персонал и оттаму надлежностите на министерот се префрлаат на Дирекцијата за животна средина, која е предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Кабинетот на министерот велат дека партијата на Али Ахмети „не може да се согласи со фактот дека албанскиот народ им ги презеде овластувањата да владеат, по 22 години последователни неуспеси, лошо управување и масовна корупција“.
Според соопштението, Меџити ги има сите овластувања од граѓаните, Законот и Уставот да управува со институциите, со полн капацитет и со проекти кои се реализираат за доброто на граѓаните низ целата држава, а не како што тоа го направи ДУИ за збогатувањето на нивната врхушка и нивните семејства, а врз грбот на Албанците“.
„Штабот на лагите на ДУИ, кој функционира во егзил и има обврска секојдневно да произведува и шири лажни вести, пуштил во оптек лажна листа за вработувања. Т.н. „листа за вработувања” е фабрикувана во штабовите на ДУИ кои се кријат од правдата. ДД не има составено такви листи, затоа што ДД не е ДУИ“, велат преку соопштение од партијата Демократско движење која е дел од коалицијата ВЛЕН.
Според партијата на вицепремиерот Изет Меџити, фабрикацијата на сите овие лажни вести конечно докажува две работи.
-Прво, ДУИ е опседната со Демократското Движење, и второ, ДУИ е исплашена до коска од преминувањето на здравите структури од ДУИ кон ДД на Изет Меџити. Албанците кои ќе бидат вработени од сите населени места каде што живеат и делуваат не можат да бидат вклучени во еден лажен документ, затоа што тие се илјадници. Ова право е загарантирано со Устав, децидни се од Демократското движење.