МЖСПП: СДСМ ја покажа неспособноста да чита и разбира документи

од Nikola Popovski
29 прегледи

Ја разбираме нервозата на тандемот СДСМ-ДУИ, што доаѓа по последователните скандали кои секојдневно се откриваат, а кои го изнесуваат на виделина нивното катастрофално владеење. Ја разбираме оваа загриженост, која се појавува во време кога ова Министерство и оваа Влада за неколку месеци реализираат проекти со буџети што тандемот СДСМ-ДУИ ги нема спроведено долги години во нивното неспособно владеење, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање по обвинувањата на опозицијата за коруписки скандал во кој е вклучен министерот и прв вицепремиер, Изет Меџити.

Во соопштението на Министерството се истакнува дека власта на СДСМ и ДУИ е синоним за лошо управување на државата и масовна корупција, која им го отежна животот на граѓаните во секоја област.

-СДСМ и денеска со својата прес-конференција ја покажа неспособноста да чита и разбира документи, како што не знаеше да ги чита потребите на граѓаните во последната деценија на владеењето со ДУИ.

Замислете, тандемот СДСМ-ДУИ што злоупотреби стотици милиони евра од државата за време на КОВИД-кризата, енергетската и инфлациската криза, тандемот што даде лиценци на 20 фабрики за марихуана, стотици казина во секое маало, со вицепремиери на црни листи, се обидува да создаде тема од една административна постапка која самата СДСМ со ДУИ ја имаат поставено и која ние ја елиминираме.

Министерството за животна средина и просторно планирање е транспарентно и отворено за секое истражно тело или медиум што сака да ја провери ситуацијата. Реакциите на СДСМ и ДУИ доаѓаат во време кога Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со Државниот инспекторатот за животна средина, секојдневно откриваат безброј скандали од претходната власт, порачуваат од МЖСПП.

Oрганизацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски денеска ги објави доказите, како што вели, кои потврдуваат дека вицепремиерот незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани. Како што информира, документите биле доставени од свиркачи.

-Поради оваа груба злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани, рече Костовски на прес-конференција во седиштето на СДСМ.

Слични содржини