Макрон најави кога би можело да дојде до примирје во Украина

од Nikola Popovski
44 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека прекинот на огнот меѓу Украина и Русија би можел да биде постигнат во наредните недели. Во интервју за „Фокс њуз“, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, Макрон нагласи дека е во контакт со европските лидери и дека многу од нив се подготвени да дадат безбедносни гаранции за Украина.

Макрон истакна дека е потребно нешто суштинско за Украина и Европа и дека главна цел во моментов е да се постигне прекин на огнот, пренесува Ројтерс.

„Треба да дејствуваме брзо, но прво треба да се постават темелите за прекин на огнот во Украина“, рече Макрон, додавајќи дека разговарал со Трамп и дека се договориле за клучните прашања.

Тој кажа и дека се започнати разговори за безбедноста во регионот.

Францускиот претседател ги спомна и потенцијалните економски и воено-стратешки иницијативи, вклучително и американските интереси за минерали и зајакнување на воената моќ на Украина.

Кога станува збор за трговските прашања, Макрон рече дека не смее да се влегува во трговска војна.

Тој најави дека Европската комисија наскоро би можела да донесе одлука за зголемување на средствата за зајакнување на одбраната.

„Не ни треба трговска војна со САД“, посочи Макрон, потсетувајќи на потребата од поголеми инвестиции во одбраната и безбедноста на Европа.

Францускиот претседател пристигна во Вашингтон во неделата вечерта, а американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот го прими во Белата куќа.

Како што претходно објави телевизијата „BFM“, станува збор за „итна мисија“, при која Макрон ќе се обиде да ја „омекне“ американската позиција за Украина, во време кога Франција предупредува да не се брза со „набрзина смислен“ договор за прекин на огнот во таа земја.

Слични содржини