Владата гласаше целосно усогласено со САД. Жално е да се каже, но соопштението на СДС за надворешната политика на владата не е ништо друго, освен извор на љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг – вака велат од ВМРО-ДПМНЕ за гласањето „воздржани“ на двете резолуции во ОН за војната во Украина, едната подготвена од САД, а другата од ЕУ.
Владеачката партија обвинува дека „СДСМ лажно се претставуваше прозападна партија, а всушност е партија на комунисти“.
-СДС лажно се претставуваше за пријател на САД, и го користеше прозападниот сентимент на народот, тоа сега го гледаат и граѓаните и нашите стратешки партнери. Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена силно на зајакнување на трансатлантското партнерство му се допаѓа тоа на СДС или не, тоа ќе продолжи, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот став следува откако СДСМ обвини дека Владата направи аматерски потези преку надворешната политика со начинот на кој гласавме во ОН. Се посочува дека Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД.
-Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија, велат од „Бихаќка“.
На тригодишнината од војната светските лидери во Киев ветија помош и поддршка. ЕУ го усвои 16-от пакет санкции за Русија.
„Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија сè додека не покажат вистинска волја за постигнување траен мировен договор“, рече Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Само конкретни и силни безбедносни гаранции ќе обезбедат сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и во Европа како целина. Европската Унија е подготвена да направи се што е потребно за да ја поддржи Украина“, нагласи Антонио Кошта, претседател на Советот на ЕУ.
По острата реторика од претседателот Трамп за потрошените средства во војната, Зеленски одново бара Украина, Европа заедно со САД да бидат на преговарачка маса пред Русија. Од Вашингтон уверуваат, преговорите со Москва се неопходни за да се оцени подготвеноста за дипломатско решение на конфликтот.