Владата ги провери и затоа ги отфрла шпекулациите и неточните наводи изнесени од СДСМ и ДУИ во врска со работата на Министерството за животна средина и просторно планирање, соопштија од прес-службата на „Илинденска бр.2“.
Според соопштението, инспекцискиот надзор спроведен од Управниот инспекторат се однесува на аспекти на архивското работење и не утврдил незаконско постапување.
-Оваа административна пракса на работа е воспоставена уште во 2017 година и континуирано се применувала под раководство на министри од СДСМ и ДУИ во претходните влади.
Ако по логиката на Кузевска тоа е прекшување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ, посочуваат од Владата.
Се тврди дека Владата останува посветена на транспарентноста и ги повикува сите заинтересирани страни на увид во документацијата за целосно и точно информирање на јавноста како и што повика Министерството за животна средина и просторно планирање.
-Oстануваме посветени на законито и професионално работење во интерес на граѓаните, се додава во владиното соопштение.
СДСМ претходно денес во Владата му достави документи на премиерот Христијан Мицкоски за скандалот со министерот Изет Меџити. Вчера, пак, со документи добиени од свиркачи тврдеше дека поради злоупотреба, Државниот управен инспекторат со решение официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи.