Обвинувањата на Галатасарај кон Мурињо се „патетични клевети“, категорични се од Фенербахче

од Vladimir Zorba
17 прегледи

Фенербахче ги опиша обидите на Галатасарај да го обвини тренерот на тимот Жозе Мурињо за расизам како „патетични клевети“, пренесе ДПА. Португалецот изјави дека противничката клупа почнала да скока како мајмуни при судир на двајца играчи на почетокот на мечот меѓу двата тима, инсистирајќи на фаул.

По натпреварот Галатасарај објасни дека имале намера да го тужат Мурињо за расизам и дека за неговите зборови ќе поднесат жалба до УЕФА и ФИФА.

„Коментарот на Жозе Мурињо по натпреварот беше изваден од контекст и беше намерно искривен. Секоја личност со здрав разум може да види и разбере дека изразите што ги употреби Жозе Мурињо во врска со екстремната реакција на техничкиот штаб на противникот на судиската одлука за време на натпреварот, на никаков начин не може да се поврзат со расизам“, напиша Фенербахче, цитиран од агенцијата ДПА.

„Обидот да се прикаже ова како расизам е целосно злонамерен. Сакаме да ги информираме сите дека ќе ги искористиме нашите законски права во врска со оваа патетична клевета, која има за цел да го отстрани ривалството меѓу двата клуба од фудбалските терени и да го искриви“, се вели во официјалната реакција.

Мурињо го бранеше и потпретседателот на клубот Ајун Улигали во интервју за Sky Sports: „Жозе Мурињо ги опиша емоциите на клупата на противникот и го употреби зборот „мајмуни“, тоа е сè. Кога ќе ти кажам дека трчаш како зајак, не сакам да те правам зајак. Кога ќе ти кажам дека скокаш како мајмун, јас самиот не те правам мајмун. Јасно е дека нема расизам во зборовите и намерите на Мурињо“, порача тој.

Нерешено без голови заврши натпреварот меѓу Галатасарај и Фенербахче од турското фудбалско првенство.

Слични содржини