Член на „Десна“ комуницирал со Палевски на Телеграм на денот на убиството на Вања, но не ја чува содржината оти се избришала

од Nikola Popovski
82 прегледи

Со изведување на доказите на одбраната денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Одбраната на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска, со читање ги изведе предложените докази, меѓу кои и имотни листови, решенија за данок и слично. Во судот денеска беше сослушан и сведокот Зоран Петковски, предложен како сведок на одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски.

Тој рече дека се слушнал и се допишувал со Палевски утрото на 27 ноември 2023.

„Комуникацијата со Палевски беше во раните утрински часови, во време помеѓу 8.20 и 9 часот на таен канал за електронска комуникација преку апликацијата Телеграм, креиран од Љупчо Палевски. Разговаравме за иранските дронови шахиб, за набавка од Србија, трансфер преку Србија од Ирак. Добив задача од Палевски да приберам информации во врска со тоа и да го известам заедно со членовите на Комисијата за безбедност“, рече Петковски, додавајќи дека комуникацијата од разговорот не ја чува од причини што каналот е креиран од Палевски и истиот после 30 минути се избришал.

Посведочи и дека Љупчо Палевски знае да работи добро со компјутери и дека добро владее со уредите за електронска комуникација.

Сведокот бил викнат во полициската станица „Пролет“ во врска со просториите на партијата, каде рече дека тајно вклучил диктафон, додека биле во канцеларијата на началникот Драган Зарински, каде бил и колегата Дејан Димевски. Разговарале околу еден час, а во текот на разговорот тврди дека началникот Зарински го прашал дали го познава Боре.

„Зарински ме праша дали го познавам Боре, на што му одговорив, да, го знам. Веднаш потоа ми покажа со десна рака десно од неговата работна маса дупка во ѕидот и ми кажа „ете тоа е од Боре“. Рече ова не смеам да ти го кажувам меѓутоа користевме стари методи за добивање на признание, не ми е чудно затоа што и самиот потекнувам од таква структура, меѓутоа сметам дека е видно, ако признанието на Боре е изнудено со сила и со тепање, судот треба да го земе предвид тоа“, изјавил Петковски.

Сведокот Петкосвки понатаму изнесе тврдење дека му било кажано од началникот како Влатко Кешишев слушал од надвор и влегол со признание дека Боре и Вељо му го донеле во гепекот. Прашан од обвинителката за димензиите на дупката, сведокот прецизно ја опиша, 15 цм од местото на бирото на началникот со пречник од 12 цм.

Судењето продолжува на 5 март со сведоци на одбраната, исказ пред судот најави и Палевски.

На изминатите рочишта сведочеа најблиските од семејството на Вања и на Панче, и полициски службеници, вклучени во истрагата. Еден од сведоците, Гоце Трајковски е во бегство, откако полицијата го сомничи за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода. Неколку пати не се појави на судските рочишта, иако неговата мајка го оправдала отсуството поради здравствени проблеми.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски како првообвинет, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Сите обвинети се изјаснија дека се невини.

Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.

Слични содржини