Повлечени се осум амбасадори кои биле назначени од поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски. Ваква одлука донело Министерството за надворешни работи.
Отповикани се амбасадорите Мето Белески, Брисел, Катерина Ставревска, Лондон, Зеќир Рамчиловиќ, Подгорица, Пајо Авировиќ, ОБСЕ, Емил Крстевски, Прага, Јакуп Реџепи, Сараево, Агнеза Руси, Софија, Џенк Сејфула, Стокхолм. Претходно беше вратен и Андреј Жерновски, кој беше амбасадор во Букурешт, Романија. Амбасадорот на Македонија во ООН Љубомир Фрчкоски поднесе оставка по најавата од МНР дека се води внатрешна истрага за можни негови финансиски малверзации.
Како причина за нивното отповикување е неисполнување на членот 39 од Законот за надворешни работи, поточно бидејќи не ги претставиле дипломатските тези пред Комисијата за надворешна политика пред да бидат упатени за ополномоштени амбасадори.
На почетокот на ноември 2024, со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со укази беа отповикани седум амбасадори од функција. Стануваше збор за амбасадори во пет земји и две организации. Меѓу нив беше и македонскиот амбасадор во НАТО, Дане Талески, кој, според одлуката, остана на функцијата до 15 јануари 2025 година, додека на уште шестмина им заврши мандатот на 30 ноември истата 2024.
Во декември 2024, министерот Тимчо Муцунски за поранешниот амбасадор Фрчкоски изјави:
-Имаме сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства. Индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра. Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Спроведена е внатрешна постапка во МНР, информациите кои стигнаа до мене се навистина многу загрижувачки. Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки, а понатаму ќе имаме обврска, да ги информираме релевантни институции од правосудството, но што ќе преземат тие излегува од наша надлежност и преминува во нивна надлежност, рече тогаш министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Неодамна сега веќе поранешниот амбасадор и екс-градоначалник на општина Центар, Жерновски информира дека преку објава во Службен весник дознал дека е отповикан од должноста амбасадор во Романија, без, како што вели, никаква претходно добиена информација, што, според него, е спротивно на основните процедури пропишани во Уставот и Законот.
-По 192 дена откако ме вратија на „консултации“ во државата, при што брутално е погазен Законот за Надворешни работи, оваа одлука ја дознав сосема неофицијално. Очигледно, партиското резонирање повторно е посилно од законите и дипломатијата, објави Жерновски, истакнувајќи дека „уште не можат да ги преболат трите круга и поразот во Центар“. Со ова поранешниот градоначалник алудираше на локалните избори во 2013 година кога имаше вкупно три круга на гласање во Центар, само со цел да не дојде до победа на опозицијата, а ДИК прифати бројни приговори.