Одлуката беше таква затоа што имавме избор дали да застанеме првите во редот со стратешкиот партнер САД или да поддржиме заеднички став на ЕУ. Кога видовме дека во ЕУ нема заеднички став, беше логично да застанеме позади резолуцијата на САД. Меѓутоа на Советот за безбедност има постојано земји-членки и земјите кои што се менуваат. Прашањето е зошто постојаните земји не го блокираа носењето на резолуцијата? Зошто не гласаа против ако биле против? Затоа што сите сега еден по еден ќе се редат во Вашингтон, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката Славјанка Петровска во Собранието околу нашата поддршка за американската резолуција за војната во Украина.
Мицкоски повтори дека ние гласавме исто како и нашиот стратешки партнер САД.
-Гледам дека сите во светот денес зборуваат за мир во Украина. Ако зборуваме за мир во Украина, а не сме со двојни стандарди, тогаш ајде да работиме за мир. Како се работи на мир? Се седнува, се разговара и се преговара. Се прогласува прекин на огнот на двете страни и се седнува на маса. Тоа е начинот како да се постигне мир и се разговара се до моментот додека не се постигне мир. Со воени дејства на теренот, со жртви, со раселени, не се постигнува мир. Токму тоа е резолуцијата на САД, кажа Мицкоски.
-И во иднина ако имате било какви дилеми или не е јасно, тогаш ви стојам на располагање да ви дадеме информации. Го имате мојот број, ви стојам на располагање. Доколку го немате, лесно можете да го добиете од вашите колеги. Сега не се моменти кога треба да ја поларизираме состојбата околу националните прашања. Исто така, ви сакал да ве замолам следниот пат кога ќе биде закажано рочиште на суд и да ги докажете тврдењата против мојот син. Да не наоѓате причини дека имате обврски бидејќи изнесовте тврдења во јавноста напаѓајќи го мојот син. мојата чест е важна, но честа на мојот син е уште поважна. Доколку не сте во право, редно е да се извинете. Да почекаме да видиме како ќе заврши судската одлука за тврдењата што ги изнесовте, додаде Мицкоски од собраниската говорница.