Секогаш кога власта ќе направи некаква глупост или нејзините погрешни политики ќе доживеат дебакл, како што деновиве се случи на меѓународен план со Резолуциите во ОН и со падот на економијата, гледаме како се поднесуваат кривични пријави и се лиферуваат имиња во јавноста за предвремена јавна осуда и политичко етикетирање, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска откако беше објавено дека за денешната полициска акција во Скопје, меѓу осомничените се и поранешен директор на затворот Скопје во Шуто Оризари и неговиот заповедник.
Според Кузеска, правење јавен линч само со поднесување кривични пријави кои, како што вели, допрва треба да видиме дали се основани, фрлаат дамка на сите овие процеси за кои СДСМ отворено се сомнева.
-Последен е скандалот со злоупотребите на вицепремиерот Меџити, со партиските листи за масовните вработувања во јавната администрација, но и куп други скандали, за бегството на Груби, за бегството на Рамадани, за сертификатот на директорот на АНБ, за инцидентот на скопаскиот аеодром, на границата со Косово, за скандалот со генералниот секретар на Владата кој добил на поклон 350 илјади евра, за фирмите на Божиновска….. рече меѓу другото Кузеска.
Според Управата за извршување на санкции, отворена е истрага за злоупотреби во „Шутка“ со која се опфатени повеќе затворски полицајци, надзорници, но и дел од поранешното раководство на затворот како што е бившиот директор Филип Андов-Сокол. Андов пред да биде именуван за директор на затворот „Шутка“ во 2020 година му беше советник на екс-премиерот Зоран Заев за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје.