Левица соопшти дека на денешната собраниска седница, пратеникот од нивните редови, Сашко Јанчев побарал да се одблокира Законот за бранителите. Според партијата, Јанчев ѝ посочил на пратеничката и заменик-претседателка на Собранието, Весна Бендевска дека таа и колегата од пратеничките групи, Антонио Милошовски како потпретседател на Собранието се надлежни да го облокираат законот за Бранителите, бидејќи при замена ги имаат истите надлежности како и спиекрот Африм Гаши.
Од партијата на Димитар Апасиев истакнуваат дека Бендевска го гасела микрофонот и не дозволувала ова да се каже од говорница, за да, како што велат, не оди во јавноста дека одговорни за блокадата на Законот за бранителите се токму ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ.
-Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, со клевети и навреди кон пратениците од Левица, непречено реплицираше, злоупотребувајќи ја процедуралната забелешка, дека не требало да се грижи Левица за бранителите, стои во ставот на Левица.
И СДСМ претходно ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ дека се против решавање на статусот на бранителите. Според пратеникот на најголемата опозициска партија, Јован Митрески, „ако досега се криеја зад Африм Гаши, денеска го покажаа вистинското лице“. Како што вели пратеникот, неговите колеги гласале против на дневен ред да биде ставена точка со која ќе се задолжи претседателот на Собранието да се закаже седница за да се реши статусот на бранителите.
Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов неодамна истакна предлог-законот за бранителите не се работи за бранителите, туку за загинатите во двете хеликоптерски несреќи кај Блаце и Струмица, за загинатите во „Диво Насеље“, за сите загинати припадници на АРМ и полицијата од 1991 година до денес и за десетина семејства на загинати бранители од 2001 година. Според Ангелов, ниту еден жив бранител не е опфатен со овој закон и терминот Закон за бранители е целосно погрешен. Упати и критики кон пратеничката Славјанка Петровска.
Предлогот, преточен во измени на Законот за посебни права на безбедносните сили, ги опфаќа семејствата на загинатите или починати припадници на Армијата и Министерството за внатрешни работи (МВР), како и на семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце во 2008 година, на загинатите припадници на МВР во авионската несреќа, кога загина и претседатот Трајковски, во хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, во Диво Насеље во 2015 година и на починатите и загинати во вршење на службени должности во периодот од 1991 до 2024 година.
Со измените се предлага и еднократното обесштетување од 80.000 евра да се исплаќа на еднакви делови на членовите на семејството, а доколку родителите се починати, рамномерен дел од надоместокот да добијат браќата, сестрите и другите наследници.