ИРЛ со реакција на нападите на Латас: „Се претставува како семеен човек и патриот, а обвинува дека сме биле предавници и милионери“

од Nikola Popovski
791 прегледи

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) реагираше на објавите на социјалните мрежи на новинарот и менаџер на „Вечер“, Драган Павловиќ-Латас насочени кон две новинарки од редакцијата кои биле во посета на седиштето на НАТО во Брисел. Како што обвинуваат, Латас во рок од четири часа објавил повеќе статуси кои го таргетираа персоналот на ИРЛ, со што се испровоцирало омраза и повици за линч и сексуално насилство. Новинарките биле обвинети дека се корисници на средства од УСАИД.

-Драган Павловиќ Латас има долга историја на клеветнички текстови против ИРЛ, најчесто кога јавно ги бранел олигарсите за коишто ИРЛ известувало и ги претставувал како жртви на неправда. Всушост, Павловиќ Латас во својата новинарска кариера никогаш се нема занимавано со проблемите на обичниот човек и секогаш стоел во одбрана на оние со економска и политичка моќ. Но, овој пат, зад пропагандата што ја води преку социјалните мрежи стојат подлабоки стравови. Во позадината се водат валкани игри од луѓе кои имаат многу да загубат, вклучително и сопствената слобода, стои меѓу другото во реакцијата на ИРЛ.

Оттаму објаснуваат зошто не треба да му се верува на новинарот, додавајќи дека „се претставува како семеен човек, патриот и поддржувач на „вистинските политики, а ние, според неговите тврдења, сме предавници и милионери кои криминално добивале грантови“. Притоа од ИРЛ објавија дел од недоличните коментари и навредите од граѓани преку коментари во објавата на Латас, упатени токму новинарките.

Новинарот и политички аналитичар пред два дена на своите официјални профили на Фејсбук и Х објави дека новинарките заминале во посета на седиштето на Брисел, притоа објавувајќи и фотографија што била преземена од нивните профили.

„Сашка Цветковска од ИРЛ и другарката и од непознато потекло и идентитет на посета во НАТО по најавата за сечење буџет од УСАИД. Има ли поголемо себеуништување на идентитет невладина организација да бараш пари и логистика од воена алијанса. Има ли за Радмила поголема злоупотреба на функцијата втор човек на НАТО да лобира за пари и логистика на невладина организација со политича платформа?“, гласеше статусот на Латас.

Во текот на вчерашниот ден, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) најостро ги осудија јавните објави на Латас. Посебно загрижувачки, додаваат оттаму, е што ваквата реторика не само што поттикнува говор на омраза, туку и доведува до сериозни закани кон новинарите, при што новинарките стануваат посебна мета на сексистички и мизогини напади во коментарите под објавите на Латас.

Слични содржини