Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашање до министерот за култура, Зоран Љутков, кои се однесуваа на македонскиот јазик. Таа праша кога ќе почнат да ги исполнуваат обврските од Законот за македонски јазик, бидејќи, како што вели, не е исполнета ниту една обврска и дали не се срамат затоа што досега ништо немаат направено за македонскиот јазик?
-Македонскиот јазик е нашиот национален и културен идентитет. И ова наше богатство сите имаме обврска да го чуваме, негуваме и унапредуваме.
Јас сум горда, што припаѓам на партија и работев за Влада која што докажа како се сака, брани и почитува македонскиот јазик. А знаете зошто го велам ова? Затоа што токму во периодот на Владата на СДСМ, се спроведоа државнички политики за заштита, афирмација и унапредување на нашиот македонски јазик.
Да потсетам, дека инвестиравме во Институт за македонски јазик и финансиски ја поддржавме дигитализаацијата на сите картотеки во Институтот со што трајно заштитивме 5 милиони вредни записи на македонски текстови. Понатаму, го дигитализиравме Правописот на македонскиот јазик, а после 24 години обезбедивме нови вработувања на научници во Институтот за македонски јазик.Овие факти се надевам дека Ви се добро познати.
Лани го донесовме и Законот за употреба на македонскиот јазик, од кој произлегуваат мерки и обврски што треба да се преземат. Тоа е задолжително лекторирање на сите официјални материјали со јавно објавување на лекторите, вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт, основање на Инспекторат за употреба на македонскиот јазик за контрола на примената на законот, истакна Лукаревска на седница на Собранието.
Од овој закон, како што истакнува, произлегуваат и мерки за стипендирање на ученици и студенти на сите нивоа за проучување на македонскиот јазик и отворање нови работни места за лектори во институциите, училиштата, издавачките куќи и медиумите.
-И после сето ова имаме влада на ВМРО – ДПМНЕ, имаме министерство кое не презема ништо. И внимавајте, по ниту една обврска што произлегува од овој закон немате постапено. Само да потсетам на Вашиот став, и како луѓе и како партија, за великанот Блаже Конески кого го нарековте „џуџето од Небрегово“. Тој став ја открива сета Ваша суштина и ниту стотици ваши „заветни“ изјави не можат да ја покријат. И ова не е никаква тенденциозност, само потсетување. Девет месеци ДПМНЕ не се сети и не покажа ни иницијатива за основање на Инспекторатот за употреба на македонски јазик, нема огласи за вработување на лектори. Па, оттука моите две прашања до министерот за култура Љутков се:
1. Кога ќе почнете да ги исполнувате обврските од Законот за македонски јазик?
2. Дали не се срамите за тоа што досега ништо немате направено за македонскиот јазик, рече пратеничката.