Обвинение против 31 физичко и пет правни лица во предметот „Адитив“

од Nikola Popovski
40 прегледи

Врз основа на доказниот материјал прибран во текот на истражната постапка, предметните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд – Скопје поднесоа Обвинителен акт против 31 физичко и пет правни лица. Според наводите во диспозитивот првообвинетиот сторил кривично дело Несовесно работење во службата, додека шестмина се обвинети за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, на четворица од нив на товар им се става и кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. На четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела – Злосторничко здружување и Перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

На кривично одговорните правни лица им се става на товар дека сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, а две од нив и продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство.

Во период од месец април 2023 до месец август минатата година, дел од обвинетите во својство на службени лица создале група чија цел била вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во меѓувреме со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, дел од останатите обвинети станале припадници на оваа група. Тие договарајќи се со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство.

Обвинетите управители и сопственици на правни лица откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на нивните правни субјекти, како економски оператори – учесници во постапки, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на Обвинителниот акт, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, за потребите на РЕК Битола и на РЕК Осломеј и притоа да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари.

Понатаму, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно, дел од обвинетите припадници на злосторничкото здружение и дел од останатите обвинети примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на паричните средства и подигнувале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.

Со обвинителниот акт обвинителството му предложи на судот одземање на движни предмети (телефони, електронски и мемориски уреди) што биле употребени при извршување на кривичните дела, додека со Посебен предлог се бара конфискација на парични средства и недвижен имот во сопственост на обвинетите и на трети лица. Воедно, доставен е и предлог за продолжување на мерка притвор спрема деветмината обвинети и мерка куќен притвор спрема еден обвинет.

Слични содржини