УЈП има подобра наплата на даноци во споредба со лани, нема застој во исплатата на „МојДДВ“

од Nikola Popovski
90 прегледи

Тенденциите и тие што ги имаме објавено и претходно, со следење секој месец немаме некакво отстапување во поглед на тоа колку е навременоста, пресметките и исплатата на бруто-платата и колкава е тенденцијата на задоцнетата исплата. Во моментов не ги носам податоците со себе, но подоцна можам да ви ги дадам, изјави директорката на УЈП, Елена Петрова денеска на прес-конференција, запрашана како се движи текот на исплатата на плати и колку работници не земале плата од почетокот на годината.

Околу наплатата на даноците, Петрова информира дека во споредба со јануари-февруари 2024 година, УЈП има подобра наплата кај сите даноци. Има две ставки каде има помала наплата, но, според директорката, тоа се должи на некакви тенденции на однесување на даночните обврзници.

-Гледам дека има послаба наплата на данокот на доход на добивки од игри на среќа и кај данокот од исплата на дивиденди, но, тоа не се значи значителни разлики и треба да сочекаме. Има уште денови до крајот на месецот. Генерално, главна компонента на данокот на личен доход е данокот на исплати на плати и тука е подобра наплатата во однос на истиот период минатата година, кажа меѓу другото Петрова.

Околу исплатата на парите од „МојДДВ“, директорката појасни дека немало застој и континуирано се исплаќаат средствата.

Пред два дена од УЈП информираа дека исплатата на „МојДДВ“ за последниот квартал од минатата година е во тек и до денес исплатени се средства на 464.463 лица, во вкупен износ од 814.738.619 денари. Во тек е обработката на последните 31.988 корисници и за истите исплатата ќе се реализира во текот на наредните денови.

Слични содржини