Англискиот фудбалски клуб Ливерпул објави загуба пред оданочување од 57 милиони фунти за сезоната 2023/24.
„Црвените“ беа „во минус“ и во сезоната 2022/23, но тогаш сумата беше само 9 милиони фунти. Главната причина за поголемата дупка која се создаде минатата сезона доаѓа од отсуството од Лигата на шампионите.
Ливерпул пријави зголемување на приходите од реклами за 36 милиони фунти, со што за прв пат ја премина границата од 300 милиони фунти. Клубот исто така заработи 22 милиони фунти повеќе од продажбата на билети од отворањето на реновираната трибина „Енфилд Роуд“.
Во исто време, пак, средствата наменети за плати се зголемени за 13 милиони фунти на вкупно 386 милиони. 9,6 милиони фунти беа исплатени на поранешниот менаџер Јирген Клоп и неговиот тим откако тие си заминаа минатото лето.
Документите објавени од клубот го покажуваат и сериозното влијание на инфлацијата во последната деценија. Во последните осум години, трошоците за организирање домашен натпревар се зголемени за 80 отсто, а прогнозата е дека зголемувањето ќе биде 100 отсто до 2027 година.
Сметките за комунални услуги на „Енфилд“ се зголемени повеќе од двојно во последните три години, а административните трошоци скокнаа за 88 отсто од 320 милиони фунти на 600 милиони фунти од 2018 година.
Добрата вест за клубот е што успеа да го намали долгот за 10 милиони фунти на 116 милиони, а прогнозата за следната финансиска година е многу добра поради минувањето на првата фаза од Лигата на шампионите, како и очекуваната победа во Премиер лигата.