Од утре ќе плаќаме поскапо парно

од Nikola Popovski
56 прегледи

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која од 1 март цената за потрошувачите на топлинска енергија за ЕСМ Енергетика (5,17%) и Скопје Север – Енерџи Еко Линк (5,25%) ќе се зголемат за околу 5 %.

„Кога ја соопштивме цената за најголемиот систем преку кој со парно се снабдуваат над 95% од домаќинства, најавивме дека и овие две компании имаат поднесено барање за корекција на цената. Познато е дека поради комплексните геополитички случувања цената на природниот гас на светките берзи е зголемена, поточно во последниот квартал од минатата година имамe раст од 16 % што е и главна причина и за оваа одлука. Овие две компании доставија барање за корекција на цената во текот на месец февруари, по што РКЕ изврши соодветни анализи и врз основ на тоа донесе Одлуки за корекција на цената за потрошувачите на топлинска енергија за ЕСМ Енергетика и Скопје Север – Енерџи еколинк, која ќе стапи на сила од 1 март. Станува збор за вкупен конзум од 2 500 потрошувачи“, посочи првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.

Во исто време РКЕ ја информира јавноста дека на главна седница е донесена одлука за издавање на две лиценци за вршење на енергетска дејност за регулирано производство и снабдување со топлинска енергија на ЕНЕРЏИ ЕКОЛИНК АД Скопје, додека постапката за издавање лиценца за дистрибуција е во тек.

„Станува збор за топланата позната во јавност како Скопје Север, која од неодамна ја презема приватен инвеститор и истиот ја отпочна постапката за конечно лиценцирање на компанијата која извршува јавна дејност повеќе од 20 години. РКЕ останува на ставот дека секоја реализација на инвестициите што значи подобрување на квалитетот на снабдување и ширење за мрежа со цел зголемување на конзум е со безрезервна поддршка, посебно што станува збор за еколошки и најекономичен начин на затоплување, што се одразува врз сметките за парно – кои се најниски. Анализите покажуваат дека доколку сите исклучени од парно, повторно се приклучат на системот сметките ќе се намалат за околу 10%“, додаде Бислимоски.

Основната причина за покачувањето на цената на парното, како што рече Бислимоски, е зголемување на цената на природниот гас на европските берзи во последниот квартал на 2024 година, како и намаленото учество на топланата ТЕ-ТО во обезбедувањето на вкупните потреби на топлинска енергија за Скопје.

Зголемувањето на сметките ќе биде 100 денари за просечно семејство за корисниците на топлиснка енергија кои се снабдуваат преку ќерките фирми на АД ЕСМ.

Слични содржини