Португалскиот тренер Жозе Мурињо го тужеше Галатасарај поради нивните обвинувања дека дал расистички коментари за време на дербито.
Поранешниот тренер на Интер, Реал Мадрид и Челси изговори неколку спорни реченици на големото турско дерби одиграно во понеделникот (0:0), а неговиот клуб следниот ден веднаш се огласи и ги демантираше расистичките тенденции на „Специјалниот“.
Тој беше казнет со околу 42.500 евра и суспензија на четири натпревари во четвртокот затоа што изјави дека противниците „скокаат како мајмуни“, а потоа ги критикуваше локалните судии, велејќи дека „ќе беше катастрофа ако натпреварот го судеше Турчин“.
Стратегот поднесе тужба против Галатасарај за наводно кршење на личните права, барајќи 1.907.000 лири од неговите ривали. Иако бројката е симболична и изнесува нешто повеќе од 50 илјади европски банкноти, причината за оваа сума е убава – годината кога е основан Фенербахче е токму 1907 година.
Судија на натпреварот беше Словенецот Славко Винчиќ, откако и двата ривали побараа странец да го контролира натпреварот.
Во соопштението на Турската фудбалска федерација се наведува дека Мурињо е казнет поради „понижувачки и навредливи коментари во кои го обвинува турскиот фудбал за хаос и неред, говорејќи навредливо за сите турски судии и турската фудбалска заедница“.
Исто така, беше истакнато дека „изјавите упатени до противничкиот табор се целосно спротивни на спортската етика и концептот на фер-плеј, поттикнуваат насилство и неред во спортот и можат да предизвикаат навивачки инциденти“.
Многу од поранешните играчи на Португалецот застанаа во одбрана на двократниот освојувач на Лигата на шампионите, меѓу кои и Дидие Дрогба.
Фенербахче на Мурињо моментално е на второто место во турската лига со шест бода помалку од Галатасарај. Има се помалку време да се израмни, бидејќи до крајот на првенството остануваат уште 12 натпревари.