Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати серија благодарници до своите европски колеги по жестоката расправија во Белата куќа со американскиот претседател и потпретседател, кои го обвинија дека е неблагодарен.
Сметката на украинскиот претседател е исполнета со триесетина пораки „благодарам за поддршката“. Зеленски, заедно со својата благодарност, сподели објави од европски и светски претставници кои изразија поддршка за Украина.
Сепак, изјава за поддршка изостана од премиерот на земјава, Христијан Мицкоски.
Меѓу првите што се огласи беше германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц, кој рече дека Украина може да се потпре на Германија и Европа.
Реагираа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста кои го поддржаа украинскиот претседател Зеленски.
„Вашето достоинство и оддава почит на храброста на украинскиот народ. Бидете силни, храбри, бестрашни. Никогаш не сте сами, драг претседателе Зеленски. Ќе продолжиме да работиме со вас за праведен и траен мир“, сподели Фон дер Лејен и Кошта.
Истата објава на X ја сподели Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија, најголемата политичка групација во Европскиот парламент.
Францускиот претседател Емануел Макрон, коментирајќи ја средбата во Белата куќа, рече дека мора да се почитуваат „оние кои се борат од почетокот“.
„Постои агресор, Русија, и нападнат народ, Украина“, изјави францускиот претседател пред новинарите во Португалија.
Поранешниот шеф на европската дипломатија, Жозеп Борел, рече дека американскиот претседател Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс направиле „недостоинствен настап“.
„Трамп и Венс направија недостоинствен настап. Се срамам од ваквото однесување. САД заслужуваат подобро“, изјави Борел на платформата Х.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас изјави дека ЕУ ќе ја зголеми поддршката за Украина и оцени дека е јасно дека „на слободниот свет му треба нов лидер“.
„Денес стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. На нас, Европејците, останува да го прифатиме овој предизвик“, напиша Калас на социјалната мрежа X.
Таа додаде дека „Украина е Европа“.
„Ние стоиме со Украина. Ќе ја зајакнеме нашата поддршка за Украина за да можат да продолжат да се борат против агресорите“, нагласи Калас.
И покрај спорот во Вашингтон, Зеленски им се заблагодари и на Соединетите Држави за „нивната поддршка“ и „таа посета“, како и на претседателот Доналд Трамп, Конгресот и американскиот народ.
„На Украина и треба праведен и траен мир и ние работиме токму на тоа“, продолжи Украинецот во својата објава.
Украинското Министерство за надворешни работи исто така го зголеми бројот на благодарници на Х, како одговор на поддршката што министерствата на европските земји која ја покажаа кон Украина.
И покрај неговиот конфликт со Доналд Трамп, Зеленски верува дека односот меѓу САД и Украина може да го преживее инцидентот и дека не му должи извинување на Трамп.