Фудбалерите на Манчестер Сити со почеток од 18 часот и 45 минути ќе одиграат натпревар од ФА Купот против Плимут, а во пресрет на тој натпревар од стадионот „Етихад“ доаѓаат добри вести за навивачите на англискиот шампион.
Имено, како што пренесуваат медиумите на островот, шпанскиот интернационалец Родри започнал со индивидуални тренинзи откако му беше извршена операција на предните вкрстени лигаменти и не е невозможно да му се оствари желбата да се врати на терените пред крајот на актуелната сезона.
Man City midfielder Rodri has returned to individual training after the ACL injury he suffered in September 🚨🔵 pic.twitter.com/dIRcYKQUOD
— Sky Sports News (@SkySportsNews) March 1, 2025
Добитникот на Златната топка, за потсетување, се повреди во 5. коло од Премиер лигата, а на 27 септември беше опериран, а првичните прогнози беа дека оваа сезона за него е завршена, но Шпанецот има силна волја да се врати на терените уште порано.
„Мојата цел е да се вратам оваа сезона. Не се откажувам оваа сезона, но и не сакам да правам никакви грешки. Целта ми е пауза од шест или седум месеци. Ми оди многу подобро отколку што мислев. Уживам во паузата, ако е можно така да се каже“, изјави Родри во ноември.
Без него во тимот, Манчестер Сити доживеа серија на исклучително лоши резултати и практично се збогуваа со шампионската титула, а испаднаа и од Лигата на шампионите.