10 минутна средба на полскиот претседател со Трамп по неколку часовно чекање

од Даниел Ѓорѓиевски
103 прегледи

Полскиот претседател Анджеј Дуда по секоја цена сакаше да биде првиот европски државник што ќе се сретне со новиот американски претседател Доналд Трамп. Двајцата имаа блиски односи од првиот мандат на Трамп (2017-2021), за време на кој Дуда имаше ексклузивен пристап до американскиот претседател. Дури и за време на изборната кампања во 2024 година, Дуда  го посети Трамп.

Но, последната посета на Дуда на САД се претвори во фијаско. Трамп го принуди својот полски гостин да чека час и половина, по што посвети помалку од десет минути на разговор. Средбата не се одржа во Белата куќа, туку на маргините на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во близина на Вашингтон.

Телевизиските камери во живо пренесуваа снимки од Дуда како нетрпеливо го чека во ВИП салонот американскиот претседател. Потоа, полскиот претседател од првиот ред го поздрави говорот на Трамп. Во таа прилика Трамп го нарече Дуда „фантастичен човек“ и го пофали поради фактот што 84 отсто од Полјаците кои живеат во САД гласале за Трамп. Но, разликата во однос на приемот што францускиот претседател Емануел Макрон го имаше во Белата куќа во понеделникот (24.02) е огромна: гостинот од Париз беше пречекан со полни државни почести, пред камерите и новинарите во Овалната соба. Потоа се одржа заедничка прес-конференција.

„Тоа беше понижување и студен туш за полскиот претседател“, напиша Јацек Нижниевич во весникот „Жечпосполита“. Трамп, се однесувал кон Дуда како да е непознаник, односно со политичар кој ја напушта власта и повеќе нема влијание во својата земја. „Во новиот свет на Доналд Трамп, Полска не е ниту тема, а камоли клучен играч, од американска перспектива“, наведува весникот.

Но, на прес-конференцијата по средбата со Трамп, Дуда се обиде да остави впечаток дека посетата била успешна. Тој изјави дека САД планираат да го зголемат, а не да го намалат присуството на своите војници во Полска и дека Трамп му дека  Полска е еден од најлојалните сојузници на Америка, пренесува Дојче веле.

Дуда избегна каква било критика кон Трамп. А неговиот шеф на кабинет Марчин Масталерек по враќањето од Вашингтон изјави: „Постигнавме се што сакавме“. Тој тврдеше дека средбата била „многу добра“. Во одбрана на Дуда застана и Јарослав Цвиек-Карпович, директор на полскиот институт за меѓународни односи (ПИСМ), кој нагласи дека средбата е важна бидејќи „со Трамп секоја секунда е важна“.

За многумина оваа посета ја илустрира дилемата во која моментално се наоѓа Полска. Како земја на источното крило на НАТО, Полска ја гледа Америка како најважниот, ако не и единствениот сигурен гарант за нејзината безбедност. Во исто време, Полска ја поддржува Украина во нејзината борба против Русија од првиот ден – без разлика кој е на власт во Варшава. Затоа што во Полска империјалните планови на Владимир Путин се доживуваат како егзистенцијална закана.

Новиот курс на Трамп кон Украина и неговите помирувачки гестови кон Путин предизвикуваат загриженост во Полска. Блискоста на Трамп со Русија и неговите критики за Украина ја ставија конзервативната партија Право и правда  на Дуда во непријатна позиција – помеѓу восхит кон Трамп и лојалност кон Украина.

Слични содржини