Емотивна објава на сестрата на Фросина: „До кога ќе не газите и до кога од улиците ќе правите гробишта?“

од Nikola Popovski
475 прегледи

По новата сообраќајна несреќа на улиците во Скопје и прегазувањето на 25-годишна девојка од Битола, се огласи и сестрата на трагично загинатата Фросина Кулакова. Росица испрати емотивна порака и упати низа прашања до јавноста.

-До кога ќе не газите?! До кога од улиците ќе правите гробишта? До кога ќе броиме жртви, ќе палиме свеќи, ќе плачеме над изгаснатите младости?

Се уште одекнува болката од загубата на мојата сестра… а синоќа уште една жртва. Колку уште? Колку животи треба да бидат згаснати или засекогаш променети конечно нешто да се промени?

Ова не е судбина. Ова не е несреќа. Ова е беззаконие, немарност, некултура што убива! Колку уште крв треба да се пролее пред да кажеме ДОСТА Е?! Со лесно на повреденото девојче, нека закрепне што побрзо, порача Фросина Кулакова во објавата на социјалните мрежи.

Скопската полиција вчера информира дека кај нив било пријавено дека на улицата „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистерски таблички, управувано од Н.Н. (48) од Гостивар удрило во Б.Л. (25) од Битола. Утврдено е дека Н.Н возел под дејство на алкохол, по што бил лишен од слобода, а возилото е одземено за понатамошна постапка.

Од МВР информираат дека Б.Л. е пренесена во Клинички центар „Мајка Тереза“, каде и се констатирани тешки телесни повреди.

-Н.Н. е алкотестиран и утврдено е дека возилото го управувал под дејство на 1,35 промили алкохол по што, по наредба на јавен обвинител, е лишен од слобода, а возилото „мерцедес“ е одземено за понатамошна постапка. По документирање на случајот, СВР Скопје ќе поднесе соодветна кривична пријава, се вели во соопштението на МВР.

Дваесет и двегодишната Фросина Кулакова на 29 јануари беше прегазена на пешачки прекин во Скопје. На 20-годишниот возач му е определен притвор од 30 дена. За него и претходно имало други кривични пријави. Случајот предизвика реакции во јавноста, откако беше обелоденето дека Васил Јованов возел под дејство на алкохол и ја прегазил младата девојка и покрај тоа што семафорот покажувал црвено светло.

Слични содржини