Левица го поддржува предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за зголемување на минималната плата на 30 илјади денари и бара итно прифаќање од страна на Владата. Од опозициската партија посочуваат дека македонските работници се жртва на континуираното осиромашување и експлоатација од страна на корумпираните партии на транзицијата, кои децении наназад работат исклучиво во интерес на крупниот капитал.
-Во услови на изобилие за власта која се спрема за локални избори со непродуктивно трошење милијарди во тендерски зделки и партиски вработувања, работниците едвај врзуваат крај со крај, принудени да работат за плати што не покриваат ниту основни животни трошоци. Левица се залага за достоинствени работнички права и нема да дозволи Владата повторно да ги игнорира барањата на работниците. Го повикуваме Мицкоски и коалициските партнери ВРЕДИ-ЗНАМ веднаш да го прифатат предлогот на ССМ, без одлагање и манипулативни изговори, стои во партиското соопштение.
Дополнително, додаваат од партијата на Димитар Апасиев, доколку Владата одбие да го прифати овој предлог, Левица ќе поднесе соодветна законска иницијатива во Собранието.
Минималната плата треба да се усогласи овој месец и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. И синдикатите и бизнис секторот се согласни дека минималната плата треба да биде повисока од законското усогласување, со кое минималецот ќе изнесува околу 24.400 денари. Синдикатите бараат минимална плата од 30.000 денари и го поддржуваат предлогот на работодавачите за замрзнување на придонесите.
Според ССМ, 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот. Затоа се надеваат дека работодавачите ќе покажат добра волја и ќе го прифатат нивното барање.
Спроед првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов оние 450 евра кои првично ги испорачаа на ланскиот првомајски протест веќе не се во игра. Во однос на репрезнатитвноста на синдикатот, се уште се чека Владата да ја формира комисијата.
Минималната плата ја примаат повеќе од 20 илјади вработени, од кои најголемиот дел работат во мали и микро фирми.