Пратениците од Левица поднесоа предлог во Собарнието за измена на Законот за работи односи, со цел, исплата на платите до петти во месецот, наместо до петнаестти.
„Предлог-законот доаѓа како резултат на реалната економска состојба на работниците во Македонија и има за цел да обезбеди навремена и правична исплата на платите. Да обезбеди финансиска сигурност на работниците, бидејќи во многу домаќинства платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната пракса на исплата на платите до петнаести во месецот, предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци“, кажа пратеникот Амар Мециновиќ.
Тој нагласи дека поради доцнењето на платата, многу работници се принудени да земаат брзи кредити, дозволени минуси, позајмици со високи камати и ова, дополнително ја влошува нивната финансиска состојба.
„Оваа измена е согласно европските стандарди – во многу држави, платите се исплаќаат веќе до крајот на тековниот месец и максимално до првите денови на наредниот месец“, порача пратеникот од Левица.
Пред речиси месец дена, не помина предлог-законот на пратеничката група на Левица за ограничување на патните трошоци за пратениците откако владеачкото мнозинство не даде поддршка за негово усвојување. Според него, патните трошоци требаше да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 километри. Останува во сила актуелниот Закон кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар.