Осудениот за „Рекет“ Бојан Јовановски, попознат како „Боки 13“, добил намалена затворска казна за предметот. Како што одлучил Апелацискиот суд, казната се намалува од 9 на 5 години затвор. Со тоа, на Јовановски му остануваат само уште неколку месеци за доиздржување на казната.
Како што објавија дел од медиумите, ваквата судска одлука е донесена поради здравствената состојба на Јовановски.
„Боки 13“ моментално има прекин на затворската казна врз основа на медицинска документација доставена од лекарски конзилиум. Повеќе лекари тврдат дека е хендикепиран од прв степен и не може да ја издржува затворската казна. Судот ги прифаќа тие лекарски наоди и му овозможи да остане на слобода. Врз Јовановски во 2023 година беше извршена операција за целосно отстранување на желудникот.
Кон крајот на месец јануари, Јовановски објави на својот Инстраграм профил дека неговото здравје се уште е загрозено. Поранешниот телевизиски водител не сакаше да ги коментира своите проблеми, па оттаму побара и приватност.
„За да престанете со шпекулациите и дезинформациите, ќе ви го кажам ова. Да, точно е, по сите хируршки интервенции, насобран стрес, компликации, бројни дневни терапии и секојдневна борба со болеста, косата ми е падната и ставена ми е вештачка коса. Се надевам дека сега една група на поединци е задоволна и среќна… И доста веќе ми ја коментирате мојата болест и здравје. Само јас знам како се чувствувам и како сум. Дополнително, единствено што ве замолувам и барам е да не бидам предмет на вашето сожалување. Единствено барам достинствено, воздржано и човечко однесување.
Јас сум бил и ќе останам борец, а на поединците кои се радуваат, коментираат и се шегуваат на болест на друг им посакувам среќа, ќе им треба бидејќи кармата е кучка“, напиша тој на својот Инстаграм профил.
Јовановски за „Рекет“ беше осуден на затвор од 9 години. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е осудена на 7 годишна затворска казна. Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за предметот и беше осуден на 3 години затвор.
Јанева и Јовановски беа спроведени во затворот Идризово на 23 јуни 2021 година на издржување на затворската казна.