Апелација со детали: Јовановски доставил повеќе медицински докази за сериозно нарушена здравствена состојба

од Nikola Popovski
23 прегледи

Апелациониот суд Скопје ја објави пресудата со која ја уважува жалбата на осудениот Бојан Јовановски – Боки 13 за случајот „Рекет“. Со пресудата, Боки 13 се осудува на единствена казна затвор од пет години, во која казна му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 15.07.2019 година до започнување со издржување на казната затвор, како и досега издржаниот дел од казната затвор.

Во поднесеното барање за преиначување на правосилна пресуда без повторување на постапката, осудениот Јовановски доставил повеќе медицински докази за сериозно нарушена здравствена состојба. Меѓу нив се одговор на барање од 08.08.2022 година од ЈЗУ УК по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ горнодигестивна ендоскопија од 31.10.2022 година, медицинско-конзилијарно стручно мислење од 23.11.2022 година, извештај од ЈЗУ УК за Гастроентерохепатологија од 05.12.2022 година и хистопатолошки наод од Медицински факултет-институт за патологија од 14.12.2022 година.

Во пресудата на Апелационен суд Скопје стои дека наведените околности со извршен детален опис на целокупната дијагноза на осудениот, доведени во корелација со фактот дека осудениот сѐ уште е на домашно лекување и третман и е под лекарски надзор претставуваат околности што ги немало кога се изрекувала пресудата и тие може да се категоризираат во групата околности кои би можеле да имаат влијание во однос на примената на институтот преиначување на правосилна пресуда без повторување.

-Во контекст на сите овие околности, доведени во корелација и со околностите кои ги ценел судот при одмерувањето на видот и висината на казната, Кривичниот совет на овој суд утврди дека со изречената единствена казна затвор во траење од 5 – пет години, а по претходно утврдување на поединечните казни, доволно воспитно ќе се влијае врз осудениот, во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела, а позитивно ќе се влијае и на планот на генералната превенција, со што ќе остварат целите на казнувањето, во смисла на член 32 од Кривичниот законик, стои во пресудата.

„Боки 13“ моментално има прекин на затворската казна врз основа на медицинска документација доставена од лекарски конзилиум. Повеќе лекари тврдат дека е хендикепиран од прв степен и не може да ја издржува затворската казна. Судот ги прифаќа тие лекарски наоди и му овозможи да остане на слобода. Врз Јовановски во 2023 година беше извршена операција за целосно отстранување на желудникот.

Кон крајот на месец јануари, Јовановски објави на својот Инстраграм профил дека неговото здравје се уште е загрозено. Поранешниот телевизиски водител не сакаше да ги коментира своите проблеми, па оттаму побара и приватност.

„За да престанете со шпекулациите и дезинформациите, ќе ви го кажам ова. Да, точно е, по сите хируршки интервенции, насобран стрес, компликации, бројни дневни терапии и секојдневна борба со болеста, косата ми е падната и ставена ми е вештачка коса. Се надевам дека сега една група на поединци е задоволна и среќна… И доста веќе ми ја коментирате мојата болест и здравје. Само јас знам како се чувствувам и како сум. Дополнително, единствено што ве замолувам и барам е да не бидам предмет на вашето сожалување. Единствено барам достинствено, воздржано и човечко однесување.

Јас сум бил и ќе останам борец, а на поединците кои се радуваат, коментираат и се шегуваат на болест на друг им посакувам среќа, ќе им треба бидејќи кармата е кучка“, напиша тој на својот Инстаграм профил.

Слични содржини