Мицкоски разговарал со Орбан за европската перспектива на Македонија

од Nikola Popovski
36 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска сподели со јавноста дека остварил средба со неговиот унгарски колега, Виктор Орбан на вториот ден од меѓувладиниот македонско-унгарски самит во Будимпешта. Премиерот појасни дека со Орбан разговарале за клучни прашања од заемен интерес, зајакнување на економската соработка, инвестициите, енергетиката, инфраструктурата и европската перспектива на Македонија.

Според агендата, ќе се одржат билатерални средби и меѓу ресорните министри, по што ќе следи и заедничка седница на двете влади. По завршување на меѓувладината седница заедничка прес-конференција ќе одржат двајцата премиери.

Владиниот самит започна вчера со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто. Сијарто уште еднаш ја потенцира поддршката што Унгарија и ја дава на нашата земја за зачленување во ЕУ, и обвини дека „голем број држави лицемерно се однесуваат“.

Во однос на евроинтеграциите Муцунски оцени дека земјата се наоѓа на клучен крстопат бидејќи и покрај донесените бројни тешки и невообичаени одлуки, со надеж дека ќе го оствариме сонот за приклучување кон европското семејство, ние сè уште сме во чекалната на ЕУ.

На претходниот владин самит одржан во Охрид, премиерот Орбан ја потврди поддршката на Унгарија за европската иднина на Македонија, нудејќи се дури и како посредник во дијалогот меѓу Скопје и Софија. Меѓутоа, Бугарија веднаш го одби овој предлог. Во фокусот на тогашните разговори беше и унгарскиот кредит од 500 милиони евра, за кој Орбан нагласи дека се европски, а не кинески пари, како што тврдеше опозицијата. Унгарскиот премиер тогаш понуди и дополнителна финансиска помош за Македонија, која Владата би можела да ја искористи во области од свој интерес.

Слични содржини