Претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами денеска на прес-конференција му одговори на Бујар Османи во врска со наводите за дестабилизацијата на државата, велејќи дека е време да се одговара за сите злоупотреби што ги направиле функционерите на ДУИ.
-Планот е Бујар Османи и неговите сопартијци да одговараат за сите злоупотреби што ги направиле. Знаеме дека за некои од овие злоупотреби веќе има постапки пред истражните органи. Ова е проблемот на Османи, а не дискриминација на Албанците или каков било фиктивен план што го имаат во глава, рече Касами.
За етничките тензии во земјава, еден од лидерите на ВЛЕН го потсети Османи на шаторот поставен пред Уставниот суд.
-Османи треба да биде внимателен, да не му се случи тоа што му се случи со претходната тенденција и обид за дестабилизација на државата кога поставија шатор и кога Османи со наведната глава требаше да излезе од тој шатор и преку ноќ да се тргне шаторот. Сè додека има луѓе кои згрешиле пред законот, злоупотребувале јавна функција, а кои се многу блиски пријатели и сопартијци на Бујар Османи во ДУИ, тие немаат кредибилите ниту имаат морално право да поставуваат некакво барање кон актуелната влада туку треба сериозно да се занимаваат со расчистување на корупцијата и корумпираните во нивните редови, истакна Касами.
Касами порача дека коалицијата ВЛЕН е дел од Владата за да ги штити интересите на албанските граѓани.
Претходно поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, истакна дека локалните избори закажани за октомври оваа година нема да се одржат доколку „продолжи ваквата политика кон Албанците“. Османи, гостувајќи во емисијата „Дејли Клик“, вели дека во сегашните услови не може да се одржат избори, бидејќи, како што вели, „Албанците се деградирани“, што може да предизвика сериозна политичка криза.