Маркетите на своите веб страни ќе мора да ги објавуваат цените на производите. Објавувањето на цените на интернет е задолжително со оглед на тоа дека беа изгласани измените на Законот за заштита на потрошувачите. Од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека на овој начин ќе се зголеми транспарентноста и можноста за споредување на цените. Од друга страна, ова ќе придонесе за зголемување на конкуренцијата кај трговците и за дополнително намалување на цените. Од ОПМ сметаат дека и пензионерите, кој најчесто пазарат во маркетите ќе можат да ги следат промените на цените на интернет.
-И пензионерите, особено оние помладите од 80 години често се на интернет и користат социјални мрежи. Така што сметам дека ова мерка ќе биде добра и за нив бидејќи прво ќе видат каде е поевтино, а потоа ќе одат да пазарт во тој маркет. Оние постарите, пак и така одат од маркет во маркет и ги гледаат цените, така што и за нив нема да биде проблем да направат споредба на цените и да купат онаму каде што е најевтино, изјави за „Локално“, Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ.

Маријана Лончар Велкова
Според неа, онлајн објавувањето е позитивно бидејќи од многу аспекти ја зголемува видливоста на цените. Исто така, ќе ја зголеми и транспарентноста, со тоа што во секој момент ќе можеш да ја провериш цената на интернет.
-Повеќе е наменето за големите супермаркети кои често прават акции. Многу е полесно да ги споредиш цените онлајн, а потоа да одиш да купиш. На тој начин потрошувачите ќе имаат предвидливост на цените на она што сакаат да го купат и ќе знаат колку ќе потрошат. Ова мерка ќе предизвика дополнителни трошоци кај трговците, но ќе ја зголеми дисциплината кај самите трговци во поглед на чинењето на производите, додава Лончар Велкова.
Мерката дава можност за споредба на цените на интернет и може да придонесе за зголемување на онлајн продажбата кај оние маркети кои веќе имаат воспоставено таков начин на продажба.
Правилниците за начинот како ќе се објавуваат цените ќе бидат објавени и доставени до трговците за една недела, а онлајн објавувањето на цените ќе почне од средината на април.

Синиша Пекевски
-Една од добрите работи е што сега маркетите ќе бидат транспарентни и секој ќе може реално да ги види цените. Верувам дека пензионеите кои имаат време, ќе ги проверуваат цените пред да пазарат, нивото на дигитална писменост и кај нив е пораснато, вели аналитичарот Синиша Пекевски за Локално.
Трговците ќе мораат на својата веб-страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна, односно единечната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба. Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа.
Со објавувањето на цените на интернет се очекува зголемување на транспарентноста, потрошувачите да имаат лесен пристап до информациите за цените, како и фер конкуренција. Трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби, а потрошувачите да бидат заштитени од нефер практики, како што се скриените трошоци или нејасните цени.
Онлајн објавување на цените веќе се применува во Израел, Италија, Франција и во Хрватска.
Б.С.