Растат површините со органско производство во Европа – Каде се Македонија и земјите од регионот?

од Vladimir Zorba
30 прегледи

Додека некои европски земји се приближуваат до целта од 25% органско земјиште до 2030 година, од вкупното земјоделско земјиште, веќе може да се каже дека ова е недостижна мисија за повеќето балкански земји.

Босна и Херцеговина е на самото дно, заедно со Албанија, со само 0,1% од површината за органско производство. Потоа следат Македонија и Србија со 0,7%, Црна Гора со 1,5% и Бугарија со 2,2%. Хрватска добро котира со 8,6%, како и Словенија со 10,7%, додека Грција е на прво место со 17,6% и е единствената која би можела да ја исполни целта од европската агенда, односно т.н. „Зелен договор“.

Австрија и Италија најдобри во Европа

Според податоците на ФИБЛ, Истражувачкиот институт за органско земјоделство, Австрија е со 27%, а Италија со 20%. Најголем број хектари, во милиони, има Шпанија, три милиони, потоа Франција со 2,8 и Италија со 2,5 милиони.

Вкупната површина под органско земјиште во Европа е 19,5 милиони, што е 3,9% од вкупната површина, но претставува раст од 4,1%. Податоците се однесуваат на 2023 година. Во Европа има вкупно 494.624 органски производители, што е зголемување од 1,4%. Во однос на земјите, Италија има најмногу органски производители, 84.191. Зад неа се Франција со 64.161 и Грција со 58.697 производители.

Во 2023 година, пазарот на органски производи изнесуваше 54,7 милијарди евра, што е зголемување од 3% во однос на 2022 година или 66 евра по глава на жител. Најголем раст во однос на развојот на органскиот пазар забележаа Естонија, Холандија и Белгија, а најмногу органски производи се купени во Германија, 16,1 милијарди евра, а потоа следат Франција и Швајцарија.

Кои се другите цели на Зелениот договор?

Покрај целта од 25% од површините под органско производство, Европскиот зелен договор предвидува и намалување на употребата на пестициди за најмалку 50% до истата година, како и намалување за 50% на употребата на антибиотици во животинското производство.

Последните две цели се да се обноват 10% од земјиштето што е уништено на различни начини, или поточно, повторно да се воспостави биодиверзитетот на тие области, а последната цел е да се оптимизира употребата на минералните ѓубрива, т.е. намалување од 20%.

Слични содржини