СДСМ утрово обвини дека Владата три дена молчи и не открива колку чинел летот до Унгарија со, како што велат, приватна авиокомпанија, со кој педесетина претставници од „Илинденска бр.2“ и медиуми отпатуваа за Будимпешта. Според СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски, како што го нарекуваат, познат по тоа што „го болат колената“ во економска класа и секогаш избира бизнис-класа, овој пат решил да оди чекор подалеку – со приватен чартер.
-Откако медиумите обелоденија дека Владата изнајмила авион, три дена јавноста чека одговор: колку чинеше ова патување? Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, плаќаат високи сметки и се борат да купат основни продукти, Мицкоски патува со приватни авиони и порачува дека во буџетот нема пари за повисоки плати, додаваат од „Бихаќка“.
Дел од медиумите објавија дека премиерот и министерите со авион на турската компанија „Фрибрд ерлајнс“ заминале во Будимпешта на заедничката владина седница со владата на Виктор Орбан.
Претходно, директорот на СОЗР, Ивица Томовски, изјави дека е неопходно да се набави нов државен авион, дури и половен, за службените патувања на владините функционери. Тој истакна дека постојниот авион е стар околу дваесет години, има само шест седишта и не ги задоволува актуелните потреби.
Иако сегашниот владин авион „Лирџет 60“ е купен во 2005 година и редовно се одржува, Томовски укажува дека често се соочуваат со сериозни дефекти.
Од објавените фотографии од Владата можеше да се види дека со премиерот во Унгарија се само дел од министрите и заменик-министрите во Владата. Во владината беа само министрите од ВМРО-ДПМНЕ, ама не и министрите од ЗНАМ и од коалицијата ВЛЕН. Од „Илинденска бр.2“, појаснија дека некои од министрите не отпатувале поради тоа што нивните ресорни колеги-министри од различни причини не биле во можност да се сретнат со нив. Покрај министрите од ВЛЕН, Лимани, Меџити, Муртезани и Бесар Дурмиши во Унгарија не беа и министрите за правда и јавна администрација, Игор Филков и Горан Минчев од редовите на ЗНАМ.