Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев поднесе писмено пратеничко прашање до премиерот Христијан Мицкоски, преку кое го бара на увид купопродажниот договор со кој австриски ЕВН го купи ЕСМ. Како што велат од Левица, тоа е зделката на екс-министерката Радмила Шекеринска, попозната како „бонбона бизнис“.
Според опозициската партија, мотивот за пратеничкото прашање се енормно високите сметки за струја кои им стигнаа на граѓаните минатиот месец, а за кои и претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, потврди дека имало грабеж од страна на монополот ЕВН.
-Освен констатација дека австриската фирма краде, владата на Мицкоски не презеде ништо за да ги заштити граѓаните. Кога се продаваше ЕСМ, аргументите на тогашната власт на СДС беа дека мора да влезе приватна компанија, затоа што државата не била способна да обезбедува континуирана услуга и не била способна да наплати струја. После 16 години, сведоци сме дека ЕВН не може да наплати струја во Арачиново. Сами признаа дека штетата во Арачиново е 6 милиони евра годишно и дека континуирана услуга не можат да обезбедат поради диви приклучоци (кражба на струја).
Сето ова јавно го кажуваат нивни портпароли, ама истите не поднесуваат кривични пријави за кражба на струја, што е кривично дело само по себе. Иако австриската компанија ги има точните податоци од терен кој и каде краде струја, пријави во случајот Арачиново уште нема, порачаа од Левица.
Откако граѓаните се пожалија на двојно повисоки сметки за струја, надлежните констатирале дека некои потрошувачи се нашле во повисоки тарифни блокови, при што ЕВН треба да направи ревизија.
Измените се во финална фаза- велат од Регулаторна. 85 отсто од броилата се читаат месечно, а 15 отсто се непристапни терени каде се читаат двапати годишно според ЕВН.
15.000 приговори пристигнале во ЕВН во периодот од 24 декември до 25 јануари, 15 отсто се ревидирани според новопрочитаната состојба. Останатите биле неосновани, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на потрошената електрична енергија. 345 приговори се поднесени до второстепениот орган РКЕ.